На 16 мај во Тирана Самит на Европската политичка заедница
- На 16 мај Тирана ќе биде домаќин на шестиот Самит на Европската политичка заедница, на кој, ќе учествуваат шефови на држави и влади, заедно со шефови на клучните европски и меѓународни институции, објави премиерот Еди Рама.

Тирана, 9 април 2025 (МИА) - На 16 мај Тирана ќе биде домаќин на шестиот Самит на Европската политичка заедница, на кој, ќе учествуваат шефови на држави и влади, заедно со шефови на клучните европски и меѓународни институции, објави премиерот Еди Рама.
Ден пред Самитот, на 15 мај, лидерите на Европскиот совет и на Европската Унија ќе бидат на работна вечера во Тирана со лидерите од регионот на Западен Балкан.
Изразувајќи гордост што неговата земја ќе ја потврди гостопримливоста, Рама на Фејсбук напиша „Лидерите од целиот континент ќе се соберат во срцето на Тирана“.
„Се гордеам на фактот што на 16 мај, лидерите на целиот наш континент на демократии, од Лондон до Киев и од Осло до Анкара, ќе се соберат во срцето на Тирана, на Самитот на Европската политичка заедница, пишува Рама.
На денешната седница Влада одлучи 15 и 16 мај да бидат неработни денови за вработените во институциите на државната управа, со седиште на териториите на општините Тирана, Камза, Вора и Круја. Исклучок од оваа одлука се вработените во армијата, полицијата, Националната гарда, противпожарната служба и вработените во здравствениот систем.
Самитот ќе се одржи само неколку дена по парламентарните избори што во земјата ќе се спроведат на 11 мај, на кои опозицијата најавува победа и враќање на власт, по поразите во претходните три изборни циклуси а актуелната власт освојување на четврт мандат и продолжување на напорите за Албанија во ЕУ до 2030.
Петтиот Самит на Европската политичка заедница се одржа во ноември минатата година во Будимпешта, на кој главни теми беа случувањата во Украина и на Блискиот Исток. вт/
Фото: Фејсбук Рама