• четврток, 26 декември 2024

На 15 октомври неформална трилатерална средба Гутереш-Христодулидис-Татар во Њујорк

На 15 октомври неформална трилатерална средба Гутереш-Христодулидис-Татар во Њујорк

Никозија, 3 октомври 2024 (МИА) – Лидерите на кипарските Грци и кипарските Турци, Никос Христодулидис и Ерсин Татар, заедно со генералниот секретар на Обединетите Нации Антонио Гутереш на 15 октомври ќе одржат трилатерална, но неформална средба во Њујорк, јави дописничката на МИА од Атина.

Неформалниот состанок, што се споменуваше во изминатиот период, го потврдија и од двете страни.

Алтернативниот портпарол на Владата на Република Кипар Јанис Антониу за кипарската новинска агенција ЦНА рече дека претседателот Христодулидис „на 15 октомври во Њујорк ќе има средба со генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш и со лидерот на кипарските Турци Ерсин Татар“.

Објасни дека кипарскиот претседател ден претходно, односно на 14 октомври ќе биде во Лондон каде што ќе се сретне со премиерот на Обединетото Кралство, Кир Стармер, а потоа ќе замине во Њујорк.

Од друга страна, од кабинетот на претседателот на самопрогласената Турска Република Северен Кипар, Ерсин Татар соопштија дека средбата ќе биде на неформална вечера организирана од генералниот секретар на Обединетите нации во Њујорк и нема да има агенда, а двајцата лидери ќе разменат мислења во социјалното опкружување.

Портпаролот на генералниот секретар на ОН Стефан Дужарик за кипарската новинска агенција ЦНА во вторникот рече „за време на неодамнешни билатерални средби во Њујорк, генералниот секретар Гутереш ги покани лидерот на заедницата на кипарските Грци Никос Христодулидис и лидерот на заедницата на кипарските Турци, Ерсин Татар на неформална трилатерална дискусија во октомври, со цел размена на мислења за текот на кипарското прашање.

Преговорите за кипарското прашање беа прекинати во јули 2017 година кога во Кран Монтана не беше постигнато решение. ср/ссм/

Остани поврзан