• петок, 27 декември 2024

На 10-ти или 17-ти октомври ќе биде конституиран Економско-социјален совет, најавува Мицкоски

На 10-ти или 17-ти октомври ќе биде конституиран Економско-социјален совет, најавува Мицкоски

Скопје, 7 октомври 2024 (МИА) - Премиерот Христијан Мицкоски вечерва најави дека на 10-ти или на 17-ти октомври ќе биде конституиран и ќе почне да работи Економско-социјалниот совет.  

- Тие два датума ги гледавме со министерот за економија и труд Бесар Дурмиши, кога да го одржиме тој Совет, рече вечерва Мицкоски во емисијата „100 дена Влада“ на МРТ. 

Во однос на забелешките на Сојузот на синдикати на Македонија и на Организацијата на работодавачи на Македонија дека не е свикан ЕСС во првите 100 дена од работата на Владата и дека ништо не е направено, Мицкоски рече дека Сојузот на синдикатите на Македонија е една од ретките институции кои се политички инструирани, тврдејќи дека претседателот на Сојузот е избран на сомнителен начин.

- Тие дури не почекаа ни стотина дена, а веднаш почнаа да ја напаѓаат Владата. Не почекаа ни десет дена. Тогаш претседателот на Сојузот на синдикати, кој на сомнителен начин е претседател, почна да ја напаѓа новата Влада. Единствената негова порака беше да нападне со цел да обезбеди повисоки плати, без притоа воопшто да има каков било параметар на располагање и заедно да разговараме. Без притоа воопшто да побара средба или да оствариме каков било дијалог, додаде Мицкоски.

Тој напомена дека оние кои што побарале средба, таа беше реализирана. Потенцираше дека разговараат со Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК), но и со другите синдикати кои побарале дијалог. 

- Тие што побараа, како што е Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) беа кај нас, разговаравме и процесот тече. Исто така, голем дел од синдикатите кои што се обратија до соодветниот министер, имаа дијалог и дел од барањата веќе се усогласени. Мислам дека многу скоро од денеска, дел од синдикатите, заедно со Владата ќе излеземе со една конечна позиција и ќе постигнеме договор. Жалам што таков начин е избран претседателот на Сојуз на синдикатите, тој на сомнителен начин е претседател, но тоа е нивен избор и јас тука не можам да судам, додаде Мицкоски.

Што се однесува до работодавачите, Мицкоски рече дека тој континуирано разговараат со стопанските комори. бт/бак/

Фото: Влада

 

Остани поврзан