• недела, 24 ноември 2024

На УЈИЕ организиран традиционалниот прием на студентите од прва година

На УЈИЕ организиран традиционалниот прием на студентите од прва година
Тетово, 21 септември 2022 (МИА) - На Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово во рамките на ориентационата недела, денеска беше организиран традиционалниот прием за студентите од прва година, со што воедно се означува почетокот на новата академска 2022-23 година. Во својот традиционален говор на приемот на студентите на почетокот на академската година, ректорот на Универзитетот на Југоисточна Европа, акад. проф. д-р Абдулменаф Беџети, им порача на студентите максимално да ги искористат можностите бидејќи посветениот, обучен и мотивиран кадар е во нивна услуга 24 часа. - Го разбирам начинот на размислување на вашата генерација и имаме институционална политика да се прилагодиме на вас и да бидеме на ваша услуга. УЈИЕ е единствен универзитет во споредба со другите стандардни универзитети не само во земјава, туку и во регионов. Разликата лежи во начинот на изведување на студиите, во посветеноста на студиите, во тријазичноста, како специфична можност, која ќе ви помогне да уживате во различностите во вашиот живот, како и во обезбедувањето персонализирани услуги, фокусирани на индивидуалните услуги, каде што секој студент се третира индивидуално во текот на студирањето, им порача меѓу другото ректорот Беџети на студентите. На студентите им се обрати и претседателот на Студентското собрание и асоцијација Агрон Демири, кој ги покани да станат дел од ова здружение и конкретно да придонесат со конкретни идеи и организации за уште повеќе збогатување на студентскиот живот на кампусот. Активностите за упис на нови студенти започнаа во понеделникот, 19 септември како дел од Ориентационата недела, а во текот на целата недела се одржуваат ориентациони активности на кампусот во Тетово и во Скопје, од секој факултет и од студентскиот сервис. ас/мс/

Остани поврзан