• среда, 13 ноември 2024

На самитот во Вашингтон, САД и ЕУ ја потврдија заедничката посветеност на стабилноста на Западен Балкан

На самитот во Вашингтон, САД и ЕУ ја потврдија заедничката посветеност на стабилноста на Западен Балкан

Вашингтон, 21 октомври 2023 (МИА) - Во заедничката декларација на крајот од самитот ЕУ-САД, што се одржа синоќа во Вашингтон, беше потврдена заедничката заложба за стабилност на Западен Балкан и поддршка за европската перспектива на регионот, објави Радио Слободна Европа (РСЕ).

„Сите партнери треба да продолжат со реформите потребни за напредок на нивниот европски пат“, се наведува во завршниот документ, објавен на крајот од средбата меѓу лидерите на ЕУ и американскиот претседател Џо Бајден.

Посебен став во заедничката декларација се однесува на процесот на нормализација на односите меѓу Србија и Косово, наведува РСЕ.

„Ја нагласуваме потребата Косово и Србија итно да ги деескалираат тензиите и брзо и безусловно да го спроведат договорот за нормализирање на нивните односи и враќање на дијалогот со поддршка на ЕУ“, се вели во декларацијата.

Американскиот претседател Бајден ги пречека европските лидери Шарл Мишел и Урсула фон дер Лајен, а во фокусот на нивните разговори беа војните меѓу Израел и Хамас, како и Украина и Русија.

Бајден истакна дека ЕУ и САД заеднички ги поддржуваат Израел и Украина.

Фон дер Лајен еден ден претходно изјави дека постои реален ризик од поширок регионален конфликт поради војната меѓу Израел и Хамас.

„Видовме дека арапските улици се полни со гнев низ целиот регион. Значи, ризикот од регионално прелевање е реален“, рече таа.

Фон дер Лејен го опиша Иран како „покровител на Хамас“ и рече дека „тие само сакаат да го разгорат огнот на хаосот“, додека Русија, „воениот клиент на Иран“, внимателно го следи.

Според неа, „Русија и Хамас се слични“.

Ова е втор самит САД-ЕУ откако Бајден ја презеде функцијата. паг/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан