• сабота, 23 ноември 2024

На протестите во Франција околу 740.000 луѓе

На протестите во Франција околу 740.000 луѓе
Париз, 28 март 2023 (МИА) - На денешниот десетти протест против пензиската реформа ширум Франција учествуваа 740.000 луѓе, а во Париз 93.000, соопшти полицијата.

Синдикатот ЦГТ соопшти дека денеска во Париз имало 450.000 демонстранти, а повеќе од два милиона во цела Франција.

Ова е помалку од протестот на 23 март, кога според полицијата низ земјава протестирале 1,08 милиони луѓе, а според синдикатот дури 3,5 милиони. Само тој ден во Париз, според полицијата, имало 119.000 демонстранти, а според синдикатот имало 800.000.

Како што наведуваат странските агенции, протестите се во многу тензична атмосфера, во време на стагнација на дијалогот меѓу власта и синдикатите, а насилство имаше и попладнево во Париз.

Полицијата соопшти дека привела 22 лица и ги растерала демонстрантите кои го палеле ѓубрето насобрано поради повеќенеделниот штрајк на вработените во градското чистење.

Денеска имаше протести низ цела Франција: во Бордо, Нант, Рен, Марсеј, Тулуз, Брест, Стразбур и Ница. паг/

Фото: ЕПА


 
 
 

Остани поврзан