• среда, 25 декември 2024

На празнувањето на Свети Трифун во Лешочкиот манастир доделен повисок чин на гостиварски свештеник

На празнувањето на Свети Трифун во Лешочкиот манастир доделен повисок чин на гостиварски свештеник

Тетово, 14 февруари 2022 (МИА) -  По повод празникот Свети Трифун во Лешочкиот манастир беше отслужена света литургија, а нов чин доби свештеник од гостиварското архиерејско намесништво. Во протоерејски чин беше произведен ерејот Александар Јанковски.

-Светата Православна црква, секојдневно прославува по некој Божји угодник.Вистински христијани се оние, кои имаат голема и бескрајна љубов кон Христа Господа. Вистински христијани, кои со живот ја потврдиле својата вера во Семоќниот Бог, биле богоносните отци и светите маченици. Еден таков маченик, кој не ги жалел ниту својата младост, ниту својата телесна убавина, кој претпочитал заради вечното да го загуби привременото, е денешниот маченик – свети Трифун. Да се обратиме со искрена молитва кон св. маченик Трифун, тој нека всади во нашите срца и во нашите души силна и непоколеблива вера да можеме сите искушенија достоинствено да ги поднесеме, истакна во пригодната беседа митрополитот г. Јосиф, кој во сослужение на свештеници од епархијата ја отслужи празничната литургија.

По завршувањето на литургијата беше извршен чинот на мал водосвет, а потоа според традицијата беше закроено и лозјето. Присустните верници примија света причест. ас/сст/

Остани поврзан