• среда, 13 ноември 2024

На прагот на откуп на тутунот, побарувачката поголема од понудената производствена реколта

На прагот на откуп на тутунот, побарувачката поголема од понудената производствена реколта

Прилеп, 27 октомври 2024 (МИА) - Тутунопроизводителите во земјава се подготвени за откупот на тутунот од годинашната реколта. Преку 10.000 семејства во државава очекуваат продуктивен почеток на откупот. Променливата година со дожд и суша донесе тутунопроизводство од околу 17.000 тони тутун, со добар квалитет. Тутунарите очекуваат поволен откуп и повисоки цени од ланските.

- Тутунопроизводителите на стартот на производството се соочија со неповолни климатски услови. Имаше премногу влага при расадувањето што го оддолжи процесот, во растот на тутунот имаше голема суша, што го намали приносот, но, тоа го зголеми квалитетот и на крајот имаше дождови што пак, го зголемија производството, изјави Киро Ристески, претседател на Сојузот на тутунските здруженија на Македонија.

На ниво на држава, со откупувачите се склучени околу 30.000 договори за производство од 26.000 тони тутун. Но, тоа не е вистинската слика, зашто на теренот има многу помалку тутун, односно околу 17.000 тони. Инаку, годинава се засадени над 13.000 хектари.

- Како Сојуз сме подготвени и утре да почне откупот на тутунот. Но, компаниите ги запазуваат законските рокови. Последниот ден за заверување на мострите е 15 ноември, така што, потоа може откупувачите да ја почнат кампањата. Крајниот рок за почетокот на откупот е 15 декември, посочи Ристески.

Годинава, 10 откупни фирми ќе го преземаат родот. Имаат лиценци и финансиски гаранции. Има најава за зголемување на бројот на откупните ваги. На тутунарите им претстојат средби во Министерството за земјоделство најавени за понеделник, како и со откупувачите на 4 ноември. Бараат повисоки откупни цени во споредба со ланските.

- Дискутираме со откупувачите. И ние не сме задоволни од моменталната цена што е на ланското ниво, односно 375 денари за прва, 300 за втора и 260 за трета класа откупен тутун. В понеделник имаме средба со министерот за земјоделство Цветан Трипуноски. Мислиме дека ќе наидеме на добра соработка, а на 4 ноември ќе имаме и средба со откупувачите. Целта ни е да постигнеме повисока цена на тутунот, да го задржиме производството, да ги задржиме младите да го работат тутунот, зашто според статистиките, просечната старост на тутунопроизводителите е преку 50 години, нагласи Ристески.

На теренот во земјава ќе има 320 откупни ваги. ем/бд/

Фото: МИА

Остани поврзан