• четврток, 19 декември 2024

На „Охридско лето“ концерт посветен на флејтистот Илија Зимбо

На „Охридско лето“ концерт посветен на флејтистот Илија Зимбо

Охрид, 19 јули 2023 (МИА) – Музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ продолжува со вечерашниот концерт на „Пијано трио“ - посветен на починатиот флејтист, охриѓанецот Илија Зимбо.

„Пијано трио“ формирано во 2014 година е составено од тројца етаблирани музичари: Татијана Петрушевска – Караскаковска – прва обоа во оркестарот на НОБ, Марјан Милошевски – прв  фаготист во оркестарот на НОБ и професор по фагот на ФМУ и Петар Макариевски – пијано, уметнички соработник при ФДУ.

Сите остварени и потврдени уметници на своите инструменти, поттикнати од желба за истражување на нови композиции и зголемување на својот репертоар, како и од потребата за камерно музицирање со формирањето на овој ансамбл, започнуваат со истражување на репертоар од различни епохи и композиции кои бараат виртуозност во изведбата и се предизвик за изведување.

Триото својот прв настап го имаше на концертот  и промоцијата на ЦД  во чест на флејтистот Илија Зимбо во Скопје. Следуваат концерти во скоро сите градови во Македонија, како и во Нови Сад во годината кога овој град беше Европска престолнина на културата. Во 2022 година македонските композитори Вања Николовски-Ѓумар и Филип Иванов,напишаа дела  специјално за Пијано Трио , кои својата светска премиера ја имаа на Фестивал на камерна музика во Нови Сад. Во ноември 2022 година Триото настапи со програма од рецитали на фестивалот „Есенски музички свечености“ со дела од светската литература, а во 2023 година композиторите  Костадин Делиниколов и Горан Начевски посветија свои композиции  на Триото, кои имаа светска премиера на ДММ 2023 г.

Она што го карактеризира Триото како состав се истенчен, моќен звук, интерактивност,  прецизност во изведбата,индивидуалност и виртуозност на музичарите. 

На програмата на вечерашниот концерт се дела на Блаве, Пуланк, Сен Санс, Глинка. Концертот ќе се одржи од 21 часот во катедралната црква „Света Софија“. аб/дма/

Фото: „Охридско лето“

 

Остани поврзан