• четврток, 19 декември 2024

На „Охридско лето“ вечер со кларинетистот Стојан Димов и Дино Имери на пијано

На „Охридско лето“ вечер со кларинетистот Стојан Димов и Дино Имери на пијано
Охрид, 19 јули 2021 (МИА) – Музичката програма на „Охридско лето“ продолжува со вечерашниот концерт на домашните уметници, Стојан Димов на кларинет и Дино Имери на пијано. Стојан Димов основно и средно образование завршува во Велес и во Скопје, а во периодот од 1975-1981 година студира на Факултетот за музичка уметност во Скопје (проф. Иван Кочаров) и на Универзитетот во Загреб  (проф. Јосип Нохта). Магистрира во 1993 година во Скопје, а од 1980-1995 година е соло кларинетист во Македонската филхармонија. Истовремено е член на Биг Бендот на МРТ,  а од 2002 година е постојан член на групата на Горан Бреговиќ. Низ годините бележи бројни настапи со рецитали, а како солист настапува со повеќе македонски и странски оркестри. Соработува со значајни диригентски имиња, а член е и на разни камерни ансамбли. Денес, Стојан Димов е еден од најактивните македонски музичари со настапи низ целиот свет. Дино Имери (1990) е еден од најреномираните македонски пијанисти. Настапувал со огромен успех со Стразбуршка филхармонија, Софиска Филхармонија, Македонска Филхармонија, Симфониски и Камерен оркестар на ФМУ, Македонска Опера и Балет, Камерен оркестар на Музичка младина на Македонија. Со рецитали настапувал на престижни сцени низ цела Европа меѓу кои: „Ватрослав Лисински“ – Загреб, Палата „Естерхази“ и „Лист-Центрум“ во Австрија, „Пијано Плаж фестивал“ во Франција, Охридско лето, Скопско лето, Интерфест – Битола и др. Добитник е на голем број награди и признанија. Имери бележи и бројни домашни и меѓународни дискографски изданија, а од Декември 2018 г. се стекнува со звање доцент и предава на факултетот за Музичка уметност во Скопје повеќе предмети од областа на пијано, камерна музика, корепетиција и пијано во контекст. Концертот ќе се одржи на прекрасната сцена во катедралната црква „Света Софија“ со почеток од 21 часот. аб/аа/  

Остани поврзан