• понеделник, 29 јули 2024

На МТФ „Војдан Чернодрински“ промовирана „Чашуле приказнувачот“ од Ана Стојаноска

На МТФ „Војдан Чернодрински“ промовирана „Чашуле приказнувачот“ од Ана Стојаноска

Прилеп, 15 јуни 2023 (МИА) - Научна и емотивна книга за македонскиот писател и драмски автор Коле Чашуле, исклучително ретка во македонската театролошка литература, беше речено за книгата - монографија „Чашуле, приказнувачот“ од театрологот Ана Стојаноска, промовирана денеска во рамките на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ што од 9 до 16 се одржува во Прилеп.

На промоцијата во фоајето од Центарот за култура „Марко Цепенков“ театрологот Јелена Лужина рече дека емотивното воопшто не ѝ пречи на научноста на книгата.

-Исклучително ретко како што досега немавме во македонската театролошка литература, а можеби и воопшто во литературата, хибридно по својата содржина, темелно испишано и направено, дело кое може да се преведе на кој било јазик и да добие највисоки награди. Освен што треба да се има длабоко теориско и практично познавање, оваа книга има и нагласено емотивен однос, кој на таа научност не ѝ пречи, туку ѝ додава дополнителни валери, изјави Лужина.

Авторот на книгата- монографија за Коле Чашуле, театрологот Ана Стојаноска емотивно го нарекува „мојот втор татко“ кој ја учел да пишува и да има однос кон светот кој ја опкружува.

-Сакав да направам книга која ќе спои неколку различни работи: ќе го спои моето сеќавање за него преку моја театролошка анализа, со една книжевна анализа на крајот, зашто сметам дека еден дел од неговото прозно творештво не е доволно добро обработено во македонската книжевна наука. Оваа книга има неколку различни страни и една од најважните ми е што излезе онака како што ја замислив. Во средишниот дел на црна хартија со бели букви е реконструкцијата на „Црнила ремикс“, една од најважните претстави што нѝ се случи во последниве години во македонскиот театар, изјавиавторот на книгата, театрологот Ана Стојаноска. ем/сст/

фото извор МИА и МТФ „Војдан Чернодрински“

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан