• четврток, 26 декември 2024

На модна ревија продефилираа 31 лице со попреченост

На модна ревија продефилираа 31 лице со попреченост

Скопје, 26 септември 2024

Здружението Икуалити и Зен Футурус, со поддршка на Македонската асоцијација за мода, во текот на вчерашниот ден, 25 септември, на препознатливата тераса на Музејот на современата уметност во Скопје, ги проширија хоризонтите на скопската модна култура, промовирајќи високи вредности на општествена инклузија и отворено општество преку настанот ZEN Инклузивно Soirée.

Настанот ZEN Инклузивно Soirée приреди уникатно културно и модно искуство, во кое 31 лице со попреченост продефилираа на моднатa ревија презентирајќи ја првата колекција на ZEN* - адаптирана гардероба. Овој културен настан беше надополнет со префинета музичка програма, кулинарско уживање и ексклузивна изложба на портрети на лицата со мисија со општествени пораки упатени за поголемо вклучување и сеопфатна општествена одговорност. 
Публиката од културниот и модниот свет уживаше во ревијата, на која гордо по модната писта исчекорија 31 лице со уникатни способности, артикулирајќи ги своите предизвици и способности, како и промовирајќи ја потребата за нивно активно општествено вклучување и унапредување на квалитетот на животот.


Преку модната ревија, беше официјално промовиран и брендот ЗЕН, основан од страна на Здружението Икуалити и компанијата ЗЕН Футурус со општествена мисија – да пружи поддршка на лицата со попреченост, да го трансформира дотерувањето од фрустрација во задоволство, да влијае на квалитетот на животот, самодовербата и подигнување на нивото на нивната животна независност. Во креирање на колекцијата главни актери беа лицата со уникатни способности, директно вклучени во процесот на моделирање и создавање на колекцијата на адаптирана гардероба изработена по индивидуална мерка и подарена во целост на овие лица.


Мисијата на Инклузивното Soirée беше да промовира верба во повисока цел да креира ненадминлива позитивна енергија која ќе ги руши бариерите за најранливите и маргинализираните и да постави пример за почитување на меѓусебните различности, преку создавање на заедништво и креативни решенија кои водат кон поквалитетен живот.

ZEN Инклузивно Soirée - инклузивна модна ревија e поддржанa од проектот на Владата на Швајцарија „Образование за вработување", имплементиран од Хелветас. 
Овој настан е поддржан од пријателите на ZEN: KIEL Sitze, ЕВН, Прокредит Банка, Амигос Ресторани, Бадел1862, Скопскa Пивара.


За послужувањето се погрижија ДСУ за рехабилитација и образование „Св. Наум Охридски“ и ССУ „Лазар Танев“, за фризура и шминка се погрижија СУГС „Димитар Влахов", во соработка со  Pierre Cardin Cosmetics, MG ART, бренд за нега на коса Got2b и Schwarzkopf.  


Фото: Гјоргиј Ристоски, Игор Костов

 

Здружение Икуалити

________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки

Остани поврзан