На Мајот во Индискиот Океан итните служби ги елиминираат последиците од циклонот „Чидо“
- На француската прекуморска територија Мајот во Индискиот Океан, која беше погодена од циклонот „Чидо“ и во која, како што се стравува, загинале илјадници луѓе, припадниците на итната помош денеска се ангажирани во обновувањето на основните услуги.
Париз, 16 декември 2024 (МИА) - На француската прекуморска територија Мајот во Индискиот Океан, која беше погодена од циклонот „Чидо“ и во која, како што се стравува, загинале илјадници луѓе, припадниците на итната помош денеска се ангажирани во обновувањето на основните услуги.
Од синоќа во Мајот со авиони почна да пристигнува помош од Франција.
Префектот на францускиот прекуморски департман Мајот, Франсоа Ксавиер Бовил, вчера изјави дека циклонот „Чидо“ предизвикал „сигурно неколку стотици“ смртни случаи на тие острови и дека бројот на жртви може да достигне „неколку илјади“.
Тој прецизира дека е „многу тешко“ да се даде конечна оценка за разорните ефекти од циклонот на неколку острови во департманот Мајот, кои се наоѓаат во близина на југоисточниот брег на Африка, јави телевизијата БФМ, имајќи предвид дека муслиманската традиција, кој е вкоренета во станбените зони кои се целосно уништени, налага покојникот да биде погребан „во рок од 24 часа“.
Француски министер за внатрешни работи Бруно Ретајо утринава пристигна на француската прекуморска територија Мајот, која беше тешко погодена од циклонот „Чидо“, каде со претставници на локалните власти разговара за санирање на последиците од невремето, додека се стравува дека дури илјадници луѓе загинале во природната катастрофа, објави Фигаро.
Елисејската палата соопшти дека францускиот претседател Емануел Макрон денеска од 18 часот ќе претседава со состанок во кризниот центар на Министерството за внатрешни работи во Париз во врска со циклонот што го погоди Мајот.
Весникот наведува дека циклонот сериозно ги оштетил болниците и медицинските центри во Мајот, кои поради тоа станале нефункционални.
Во Мајот нема доволно вода и храна, а сиромашните квартови се претворени во урнатини.јт/
Фото: ЕПА