• четврток, 26 декември 2024

На малите производители со едноставен јазик да им се објаснат условите за продажба од куќен праг

На малите производители со едноставен јазик да им се објаснат условите за продажба од куќен праг
Скопје, 7 февруари 2021 (МИА) - Сирења, кашкавали, слатка и мармалади, мед, риба, макала, зачини и пекарски домашни специјалитети, се само дел од широката лепеза традиционални производи што нашите земјоделци, посебно оние од руралните средини, веќе можат и легално да ги продаваат, директно од дома или на фарма. Ова го предвидуваат неодамна донесените два правилника (за храна од животинско и за храна од неживотинско потекло) со кои значително се олабавија условите за производство/преработка. Правилниците наметнуваат само основни, елементарни критериуми, најмногу во однос на хигиената, кои мора да се исполнат. Но, дали земјоделците тоа го знаат, дали се доволно запознаени со минималните услови и стандарди што од нив се бараат? Од друга страна, колкава е довербата на потрошувачите во ваквите производи, како тие ќе знаат дека она што го купуваат е безбедно и сигурно за консумација и кој ќе гарантира за квалитетот? Засега, во Регистарот на објекти и оператори со храна за примарно производство и преработка на производи од животинско потекло се евидентирани 296 производители од кои најголемиот дел, 293, се производители на мед и пчелни производи. Останатите тројца се евидентирани за преработка на млеко од сопствено одгледувалиште - сирење од овци и кози, за производство на јајца и јајца од потполошка, како и за собирање и обработка на отстрелан крупен дивеч - месо од дивеч. Регистарот на објекти и оператори за примарно производство на храна од неживотинско потекло, пак, е во фаза на креирање. Регистрацијата на оваа категорија производители сега се врши преку подрачните единици на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ). Во оваа категорија досега се евидентирани тројца оператори - за преработка на органско овошје и производство на оцет во Валандово, за традиционално производство на вино во Струмица и за сушење овошје во Охрид. Според податоците од терен, неопходни се дополнителни обуки и информативни средби, посебно со жителите во послабо развиените подрачја. Повеќето производители сметаат дека ефектот од примената на правилниците ќе биде видлив веројатно наредната година зашто е релативно краток периодот од нивното донесување за да се постигнат некакви резултати. Довербата на потрошувачите, пак, е индивидуална и главно сведена на принципот „препорака“. Ако некој веќе купувал сирење или кашкавал кај одреден производител и е задоволен, го пренесува искуството на свои роднини и пријатели. Така се шири продажната мрежа. -Правилниците во голема мера ги олабавија условите за производство. Основно што се бара е хигиената. Потоа, неопходни се посебни простории, зависно од типот на производството, садови од инокс, вода, можност за миење, одржување чисто во секое време. Тоа е основното што треба да го има една млекарница, независно дали е во село, во град или на планина, вели Скендер Аме, претседател на Здружението на дебарските сточари „Дешат“, кој целата количина сирење произведена во една година, околу 2.000 канти или 14 тони, ја продава од дома. За сирење и млеко, нагласува Аме, сточарите мора да имаат мандра регситрирана во АХВ. -АХВ ги бара и конкретните услови: хигиена, чистење, садови од инокс. Контроли редовно се вршат. Кај мене тоа е често зашто сум пријавен како производител. Инспекторите доаѓаат и оценуваат дали треба да го носам сирењето во Институт за сточарство или каде што има лабораторија за контрола на млекото. Контролите на млекото се вршат најмалку еднаш за време на лактација, а може и два или три пати да се носи на проверки, објаснува Аме. За колење јагниња, додава, исто така треба да се има одредено место кое ќе биде чисто, со бетон, а не со плочки. -Јас веќе сум видел како е во Германија и по сличен принцип работам. Мора да има вода, да се чисти постојано. Не смее да се коле јагнето во кал, истакнува Аме. Тој напоменува дека е основно и грлата да бидат евидентирани, да имаат пасош, документи. Без тоа нема производство, ниту продажба. -Во однос на урдата и нашето традиционално бело сирење, нашите клиенти веќе ги знаат, тие се редовни купувачи, идат постојано, 23 години купуваат од кај мене. Уверени се дека производот е безбеден и сигурен, а пред се и квалитетен. Секако, имам и уверенија од АХВ дека стоката ми е вакцинирана. Во секој случај, би рекол, тоа што е квалитетно - функционира. Се што е традиционално, македонско, е добро, потенцира Скендер Аме. Производителот на мед, Горан Алексовски, член на здружението „Македонска пчела“ – МакБи, оценува дека резултатите од примената на правилниците би требало да се очекуваат наредната година, барем во делот на пчеларството. Тој се уште не е регистриран за продажба „од куќен праг“. Поднел барање за мерката „млад земјоделец“, а кога ќе ја добие, планира да опреми погон и да се регистрира за продажба. -Не знам колкав е бројот на регистрирани пчелари и какви се нивните искуства. Мислам дека Правилникот е донесен лани, но многу малку пчелари беа запознаени. Стратегијата како да не беше доволно развиена за запознавање и информирање на производителите. Сега е почната поагресивна кампања и знам дека неколку пчелари се веќе регистрирани. Но, работата е што годинава имаше многу малку мед, па не може да се процени кој колку и како продал. Можеби дури наредната година треба да се очекуваат некакви резултати и да видиме на што сме, вели Алексовски. И според него, сега, со правилниците, условите за производство се многу пофлексибилни, особено за малите производители. -Се бара, на пример, под или ѕидови што лесно се одржуваат, никаде не е наведено дали да бидат плочки, ламинат. Всушност, ни се дозволува да си најдеме материјал по некоја солидна цена, што ќе можеме да си го дозволиме. Не не обврзуваат стриктно со нешто – дали да имаме центрифуга од 2.500 евра или од 300 евра, само да биде од нерѓосувачки материјал, од инокс. Има доста олеснувања, објаснува Алексовски. Во однос на потрошувачите, јасно е, вели, дека не може од секого да купуваат. -Потрошувачот треба да го познава производителот, да знае кој е, зашто има многи фалсификати, особено кога е во прашање медот. Сметам дека правилниците тука значително ќе влијаат и ќе овозможат да се надмине чекорот „препорака“ зашто сепак, се работи за нешто што е ставено во законска рамка, вели Алексовски. Од производителите да не се очекува константност во производството Фросина Ѓоргиевска, национален координатор на Мрежата на жени фармери при НФФ која како технолог беше делегирана да учествува во изработката на правилниците, исто така е согласна дека условите со правилниците се далеку поедноставени и производителите секако мора да ги исполнат, но од нив не може да се бара, ниту да се очекува константност во производството. -И сами дома кога правиме нешто, секојпат излегува поинаку, со поинаков квалитет, мармалад од шипки, на пример. Ни теоретски не може квалитетот да биде воедначен. Сигурност не може да се очекува ниту од големите производители кои ги имаат сите можни сертификати. Не ретко се случува на пазарот да се најдат производи со сомнителен квалитет. Иако имаат релевантна дата, тоа што е декларирано не одговара на тоа што е внатре, во пакувањето, истакнува Ѓоргиевска. Таа и уште неколку жени прават најрзалични слатка, џемови, мармалади, желе, компоти и сокови од суровини кои ги црпат во нивниот, преспански крај (јаболка, капини, шипка, боровинка). Веќе работат на фејсбук (онлајн) страница преку која ќе ги нудат и рекламираат овие производи, иако повеќе се надеваат на „продажба по препорака“. -Мислам дека тој стар принцип повеќе дава резултати. И нудењето е една од опциите, но друго е кога секој лично, сам ќе го проба производот и потоа секако, ако му се допаѓа, ќе го препорача на друг. И јас самата ќе се прашам дали би купила ако само прочитам на интернет, искрена е Ѓоргиевска. Нејзина оценка е дека примената на правилниците ќе ги поттикнат жените од руралните средини да почнат да ги преработуваат дел од своите производи. -Тука сакам да нагласам дека ќе треба да се спроведат многу обуки, а неопходна е и поголема информираност. Многу ретко жените од руралните средини доаѓаат до вакви информациии. Кога бев обучувач за родова рамноправност во Македонски Брод, се случи половина и повеќе од времето да зборуваме за мерките што ги нуди државата кои тие не ги користат поради неинформираност. Мора да им се објасни на луѓето на кој начин можат да работат и да стигнат до профит. Тоа пред се е добро за да си ги исполнат времето кое во неразвиените подрачја многу бавно минува, порачува Ѓоргиевска. Како посебно добри Ѓоргиевска ги посочува правилниците за продажба во Словенија кои се преземени од австриксиот модел. -Тие веќе работат со хотели, ресторани, всушност еден вид рурален туризам. Имав можност да престојувам таму, бевме сместени во едно мало место и многу интересно беше тоа што појадокот го добиваме од локалните производители, џем, мед, леб, јајца, сирење, кашкавал. Газдите на сместувачките капацитети имаат склучено договори со производителите за мали количини, доволни за нивните гости кои се 50 - 60 на број или помалку. Кај нас со правилниците ќе се легализираат производителите кои продаваат такви производи. На пазарчето во Росоман може да купите се и сешто. Тоа лично не го одобрувам. Во пластични шишиња стават лути пиперки за туршија што мислам дека не е во ред. Се знае, амбалажата треба да е стаклена. Значи, сепак некои норми мора да се почитуваат, објаснува Ѓоргиевска. Според Рурална коалиција, ако се поддржат примарните земјоделски производители и им се овозможи да понудат безбеден и квалитетен локален производ со додадена вредност, ќе се придонесе за јакнење на нивната економска стабилност, но ќе се поттикне и ревитализацијата на руралните средини, како и развојот на руралниот туризам. -Сепак, се поставува прашањето: како да ги препознаеме овие локални производи, каде можеме да ги најдеме, дали се безбедни и кој гарантира за нивниот квалитет? За да може да се даде одговор на ова, се наметна и потребата за регулирање, односно за задоволување на минималните стандарди за чиста, здрава и безбедна храна и всушност така, преку соработка, консултации и работни групи беа изготвени двата правилника за продажба од куќен праг. Правилниците беа подолго време барани, а се покажаа и како исклучително потребни посебно сега, во време на корона пандемија, кога малите производители се наjпогодени и први на удар. Токму малите производители, согласно нашите истражувања, претрпеа намалување на своите приходи до дури 60 отсто, па и повеќе, вели за МИА извршната директорка на Рурална коалиција, Лилјана Јоноски. И тука, додава Јоноски, има едно „НО“ и едно „ДАЛИ“. -Дали ваквите правилници се препознаени од земjоделските производители и дали тие ги препознаваат можностите што им се нудат, но исто така и минималните услови и стандарди кои што треба да ги исполнат? Рурална коалициjа достави предлог до Владата за 2021 година, институциите во соработка со граѓанскиот сектор и локалната заедница да ги направат максималните напори за промоциjа на овие два правилника, односно да се промовираат и дистрибуираат информации поврзани со правилниците за олесенета продажба од куќен праг на производи од растително и животинско потекло со што им се дава можност и на малите фарми и земјоделски семејни стопанства да станат одржлив агро-бизнис и на таков начин директно да се влијае кон креирањето одржлив рурален развој, подвлекува Јоноски. Со правилниците, но и со воведувањето мерки за поддршка на земјоделските стопанства кои ќе се регистрираат согласно овие правилници, се влијае и врз зачувување на традиционално производство, што, пак, меѓудругото е основа и за развој на руралниот туризам. -Но, потребно е ваквото традиционалното производство да биде со додадена вредност, односно спакувано или полупреработено зашто пак последните податоци од Државниот завод за статистика покажуваат дека во последниве години Северна Македонија навистина бележи огромен раст во извозот на свежо овошје и зеленчук, но и огромен пораст на увозот на преработено или конзервирано овошје и зеленчук кое и тоа како може да се произведува и продава каj нас, потенцира директорката. На терен, смета Јоноски, се уште не е доволно препознаена информацијата дека за да може да се продава од куќен праг, земјоделецот треба да помине процес на регистрација што ќе ги гарантира квалитетот и сигурноста на храната која се продава од куќен праг. -Ваквата регистрациjа значи исто така дека малите земјоделски производители ќе можат да се регистрираат и да ги нудат овие производи на зелените пазари, во локалните маркети, а и како дел од локалната туристичка понуда на малите населени места. Преку правилниците, се создаваат услови за зголемена економска активност на руралното население, а со самото тоа се поттикнува и поддржува локалниот еконосмки и рурален развој. Со воведувањето и примената на овие правилници, се овозможува малите производители на храна од животинско и растително потекло да се вклучат во системот на безбедност на храна и да понудат производи преку кои ќе им ја гарантираат безбедноста на крајните потрошувачи. Ова е значјна нишка кон градење доверба со потрошувачите и стекнување „лојални“ потрошувачи. Дополнително, со овие правилници се воспоставува и систем на следливост на производите, со што повторно, се придонесува за полесно и безбедно ставање во промет производи произведени од малите земјоделски производи. Правилниците претставуваат чекор поблиску до пазарот за производителите, а за потрошувачите значат пристап до локални производи што се безбедни и здрави за употреба, подвлекува Јоноски. Рурална коалициjа изработи краток водич со наjзначаjните делови од двата правилника за да им биде полесно на производителите да ги разберат условите, да ги соберат потребните документи и да се регистрираат. Водичот веќе се дистрибуира низ селата во земјава, а ќе се изготви и видео материјал кој ќе објасни чекор по чекор, како да се стане регистриран производител или преработувач за продажба од куќен праг. Продажбата на фарма - поттик за зачувување на традиционалните производи и македонската етно култура Правилникот за директна продажба на храна од животинско потекло е донесен на 15 јули 2019 година, а Правилникот за директна продажба на храна од неживотинско потекло на 09 јуни 2020 година. Двата правилника ги опфаќаат традиционални производи, што е особено битно за нашите мали земјоделци, особено за оние што живеат во руралните средини. Со Правилникот за храна од животинско потекло прецизно се дефинираат барањата, условите и хигиената за производство и продажба на сурово млеко и производи од млеко, месо добиено при колење животни, месо од дивеч, производи од месо, мед, конзумни јајца и конзумна риба. Со овој подзаконски акт прв пат е регулирано колењето на животните директно на фарма за што производителите можат да користат услуга од мобилни кланици кои ќе треба да бидат одобрени од Агенцијата за храна и ветеринарство. Се регулира и ставањето во промет на месото од дивеч, кое ќе може да се обработи во мали објекти за таа намена, а Правилникот дава можност и за легална продажба на млекото од малите фарми преку млекомати. Со Правилникот за храна од неживотинско потекло, пак, се дефинираат барањата, условите и хигиената за производство и продажба на преработки од овошје и зеленчук (слатка, мармелади), преработки од печурки, зачини и чаеви, жита и преработки од жита, пекарски производи, кондиторски производи, жестоки алкохолни пијалаци, пиво, вино и безалкохолни пијалаци. -Со овие два подзаконски акта прецизно се дефинираат условите што треба да ги исполнат производителите кои ќе решат своите производи да ги пласираат до крајните потрошувачи преку т.н. директна продажба. Со тоа се гарантира безбедноста на оваа категорија производи и се воспоставува нивна следливост, но и се олеснува ставањето во промет на мали количини производи преку исполнување на соодветните хигиенски и безбедносни критериуми без да се нарушува или доведува во прашање безбедноста на храната или здравјето на потрошувачите, вели за МИА директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Николче Бабовски. Правилниците, истакнува Бабовски, даваат можност производителите легално, директно да ја продадат храната која ја произведуваат или преработуваат. -Ваквите производи имаат додадена вредност и тие до крајниот потрошувач можат да се пласираат од страна на примарните производители без да зависат од откупувачите. Ваквиот начин на производство и продажба ќе го поттикне развојот на руралните средини во земјава, ќе го стимулира развојот на малите бизниси со храна и економијата во целина и ќе креира нови работни места, подвлекува директорот. На прашањето, како потрошувачите ќе знаат дека производите што се продаваат „од куќен праг“ се безбедни, Бабовски одговара - според ознаката која ќе мора да ја имаат. Но, потенцира и дека за ваквиот тип продажба е основно, производителите да бидат регистрирани во АХВ. -За да може да се пласираат на пазарот, производите треба да се соодветно означени, односно да содржат информации за името, адресата на производителот, датумот на производство, името и видот на производот, условите за чување, составот, рокот на употреба, додека за да се овозможи следливост, производителите треба да водат евиденција за набавка на суровините и производството, обајснува Бабовски. Двата правилника АХВ ги подготви во соработка со невладиниот сектор, науката и државните институции непосредно вклучени во синџирот на храна. Во соработка со Агенцијата за поддршка на развојот на земјоделството, од септември минатата година, двата подзаконски акта беа промовирани пред производителите на храна директно на терен, во поголемите општини, како и пред бизнис заедницата, науката и претставниците од Министерството за земјоделство и Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој. Стручни лица од АХВ одржаа и обуки за примена на правилниците за инспекциските служби кои ќе ја вршат контролата на нивната примена на терен. Директната продажба на земјоделски производи во европските земји е пракса подолго време. Ефектот е развој на руралните подрачја, стимулирање на малите бизниси со храна (и економијата во целина), како и креирање нови работни места. Мирјана Чакарова

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан