• вторник, 24 декември 2024

На малите деца воопшто не треба да им се дозволи да гледаат во екрани, им порачаа шведските власти на родителите

На малите деца воопшто не треба да им се дозволи да гледаат во екрани, им порачаа шведските власти на родителите

Стокхолм, 2 септември 2024 (МИА) - На малите деца воопшто не треба да им се дозволи да гледаат во екрани, им порачаа денеска властите на Шведска на родителите. Децата на возраст под две години треба целосно да се држат подалеку од дигиталните медиуми и телевизијата, соопшти шведската Агенцијата за јавно здравје.

Децата на возраст од две до пет години треба да бидат ограничени на максимум еден час време пред екранот дневно, се вели во новите препораки, додека оние на возраст од шест до 12 години не треба да поминуваат повеќе од еден или два часа дневно пред екран.

Тинејџерите на возраст од 13 до 18 години треба да бидат ограничени на два до три часа дневно, соопшти агенцијата

„Предолго, на паметните телефони и на другите екрани им беше дозволено да влезат во секој аспект од животот на нашите деца“, рече министерот за јавно здравје Јакоб Форсмед.

Тој истакна дека шведските тинејџери на возраст од 13 до 16 години поминуваат во просек шест и пол часа дневно пред своите екрани, надвор од училишните часови.

Форсмед рече дека тоа не остава „многу време за заеднички активности, физичка активност или соодветен сон“ и жали за шведската „криза на спиење“ истакнувајќи дека повеќе од половина од 15-годишните не спијат доволно.

Здравствената агенција, исто така, препорача децата да не гледаат во екрани пред спиење и телефоните и таблетите да се чуваат надвор од спалната соба навечер.

Наведено е истражување кое покажува дека прекумерното гледање во екран може да доведе до лош сон, депресија и незадоволство од телото. Владата на Шведска претходно соопшти дека разгледува забрана за паметни телефони во основните училишта. рп/

Фото: МИА архива

Остани поврзан