• четврток, 26 декември 2024

На концертот по крунисувањето во Виндзор настапија бројни ѕвезди

На концертот по крунисувањето во Виндзор настапија бројни ѕвезди

Лондон, 8 мај 2023 (МИА) - Новокрунисаниот британски крал Чарлс Трети и сопругата-кралица Камила вчеравечер беа пречекани со воодушевување од илјадници посетители на големиот концерт во замокот Виндзор, каде што настапија бројни музички ѕвезди.

Кралот и кралицата седеа во кралската ложа, во придружба на другите членови на кралското семејство, вклучувајќи ги принцот и принцезата од Велс и нивните деца - принцот Џорџ и принцезата Шарлот.

Британскиот глумец Хју Бонвил беше водител на настанот на огромната сцена во Виндзор, а во публиката имаше околу 20.000 Британци, јави „Телеграф“.

Настапија бројни врвни музичари, меѓу кои и Лајонел Ричи, кој „ги раздвижи“ сите во ложата, оперските певци Андреа Бочели од Италија и Велшанката Брин Терфел, поп-ѕвездата Кејти Пери, британската група „Тејк дет“... А, се појавија и цртаните ликови од „Мапет шоу“ - Мис Пиги и жабата Кермит. Холивудската ѕвезда Том Круз, глумицата од „Династија“ - Џоун Колинс, ТВ-водителот Бер Грилс и пејачот Том Џонс, сите се придружија преку видеопораки.

Наследникот на престолот, принцот Вилијам излезе на сцената и одржа говор посветен на неговиот татко кој беше крунисан за нов британски крал во саботата во лондонската Вестминстерска опатија.

- Татко, сите сме горди на тебе!, рече принцот Вилијам, пред да ја пофали посветеноста на кралот на круната, како и неговата еколошка и добротворна работа. - Како што рече баба ми кога беше крунисана, крунисувањата се залог на нашите надежи за иднината. И знам дека таа е горе некаде и нè чува и, би била многу горда мајка, истакна престолонаследникот во својот говор, проследен со извици на воодушевување од насобраните луѓе.

Во својот говор, Вилијам им оддаде почит и на британските работници и државни службеници, како што се наставниците и болничарите, од кои многумина штрајкуваа последниве месеци.

Крунисувањето на претходничката на кралот, Елизабета Втора пред 70 години, беше првото крунисување на британски монарх кое се пренесувало во живо на телевизија.

Беа прикажани и повеќе однапред снимени видеа коишто откриваат помалку познати факти за монархот, како и низа британски знаменитости и природни убавини, кои се дел од проектот под наслов „Осветлувајќи ја нацијата“ (Lighting up the Nation).

Кралскиот балет, Кралската опера, компанијата „Ројал Шекспир“, Кралскиот колеџ за музика и Кралскиот колеџ за уметност претставија свој спој од театарски и балетски претстави со новата ѕвезда на „Д-р Ху“, Нкути Гатва во новата верзија на Шекспировата „Ромео и Јулија“.

Спектакуларно светлечко шоу, проследено со осветлено летало што лебди над Виндзор, беше изведено на источниот тревник на замокот, што е првпат ваков настан да се одржи на имотот.  си/паг/

Фото: ЕПА

Остани поврзан