• среда, 27 ноември 2024

На конференција на ОН за Судан донаторите ветија околу 1,5 милијарда долари

На конференција на ОН за Судан донаторите ветија околу 1,5 милијарда долари

Њујорк, 20 јуни 2023 (МИА) - Земјите донатори ветија речиси 1,5 милијарда долари помош за Судан, соопштија Обединетите нации, додавајќи дека земјата тоне во „невидена“ спирала на смрт и насилство.

-Кризата бара континуирана финансиска поддршка и се надевам дека сите ќе можеме да го задржиме Судан на врвот на нашите приоритети, изјави шефот за хуманитарна помош на ОН Мартин Грифитс, пренесуваат француските медиуми.

На отворањето на конференцијата, генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш кажа дека Судан „со невидена брзина се нурнува во смрт и уништување“ и дека без силна меѓународна поддршка „брзо може да стане место на анархија, што би предизвикало несигурност во целата регионот“.

Обединетите нации упатија два повика до донаторите - да се собере хуманитарна помош за самиот Судан и за помош за земјите каде што има бегалци од Судан.

Судирите во Судан избија на 15 април меѓу суданската армија и паравоените единици предводени од двајца ривалски генерали.

Според ОН, од почетокот на борбите во земјата досега се раселени повеќе од 2,2 милиона Суданци.

Агенциите на Обединетите нации во петокот објавија дека во оваа земја хуманитарна помош им е потребна на речиси 25 милиони луѓе, а четири милиони деца и бремени жени и доилки се акутно неухранети. сд/

Остани поврзан