• недела, 17 ноември 2024

На Кипар Самит на лидерите на медитеранските земји од групата МЕД9

На Кипар Самит на лидерите на медитеранските земји од групата МЕД9

Атина, 11 октомври 2024 (МИА) – Односите ЕУ-Јордан, ситуацијата во поширокиот регион и на Блиски Исток, но и приоритетите на ЕУ за Медитеранот, се очекува да бидат темите за кои ќе разговараат лидерите на земјите од групата МЕД9, односно деветте медитерански земји членки на Европска Унија, кои денеска на Кипар ќе го одржат 11 Самит, а ќе учествуваат и претседателката на ЕК и кралот на Јордан, јави дописничката на МИА од Атина.

Покрај Кипар, кој претседава оваа година, во групата МЕД9 се и Франција, Грција, Шпанија, Италија, Хрватска, Малта, Португалија и Словенија.

На Самитот во кипарскиот град Пафос, планирано е да се одржат два последователни работни состаноци. Првиот ќе се фокусира на односите меѓу Европската унија и Јордан, а на вториот учесниците ќе разговараат за приоритети на медитеранските земји во ЕУ.

Кипарскиот претседател Никос Христодулидис, кој е домаќин на Самитот рече дека овој пат се поканети и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која од вчера е во Пафос и кралот на Јордан, Абдулах Втори, за со шефовите на држави на деветте медитерански држави на ЕУ „да разговараат за случувањата во регионот и како ЕУ може да преземе конкретни иницијативи за смирување на кризата, но и за зајакнување на хуманитарната помош во регионот“.

- Со оглед дека сме и во период кога ќе започне новиот циклус на ЕУ, прашањата што го засегаат Медитеранот треба да се стават високо на приоритетите на Комисијата и медитеранските држави на ЕУ. Сметам дека е позитивна одлуката на претседателката за формирање специјално портфолио за Медитеранот, рече Христодулидис. ср/ми/

Претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен од вчера е на Кипар, со Христодулидис го посетија крајбрежјето на Пафос и имаа неформална вечера, а преку платформата Икс изрази задоволство што ќе учествува на Самитот на МЕД9.

-Медитеранот долго време беше клучна порта за три континенти и во првите редови за многу геополитички предизвици. Ова ги прави перспективите на медитеранските земји-членки толку витални за ЕУ, напиша фон дер Лајен.

Групата МЕД9 беше формирана во 2013 година на иницијатива на Република Кипар, со цел зајакнување на гласот, улогата и соработката првично меѓу седумте медитерански земји-членки на ЕУ – Франција, Грција, Шпанија, Италија, Малта, Португалија и Кипар, а во 2021 година се приклучија и Словенија и Хрватска. ср/

Остани поврзан