• среда, 25 декември 2024

На Западниот брег повторно убиени двајца Палестинци

На Западниот брег повторно убиени двајца Палестинци

 Тел Авив, 10 март 2023 (МИА) -  Израелски доселеник денеска уби Палестинец кој влегол во населба на окупираниот Западен Брег вооружен со ножеви и експлозивни направи, соопшти израелската армија.

Неколку часа подоцна, 16-годишно палестинско момче им подлегна на повредите откако беше тешко рането кога израелските војници отвориле оган врз Палестинци кои фрлале камења врз нив, на северот на Западниот Брег, соопшти палестинското Министерство за здравство, пренесено од американските медиуми.

Насилството доаѓа само еден ден откако палестински напаѓач пукаше и рани тројца Израелци во центарот на Тел Авив, по што денеска израелските безбедносни сили упаднаа во палестинското село Налин и се подготвуваа да ја урнат семејната куќа на Палестинецот, осомничен за вчерашниот напад во Тел Авив.

Израелската армија соопшти дека вооружен Палестинец денеска влегол во фарма во близина на еврејската населба Карнеи Шомрон, на Западниот Брег, и бил убиен од израелски доселеник.

Палестинските власти го идентификуваа убиениот Палестинец како 21-годишниот Абед ал Шеик.

Палестинскиот тинејџер Амир Оуда е ранет крај израелски контролен пункт во близина на градот Калкилија, соопшти палестинското Министерство за здравство.

Американските медиуми наведуваат дека од почетокот на годината во воените рации и акции, како и во отворени судири израелската војска убила најмалку 75 Палестинци, додавајќи дека во палестинските напади се убиени најмалку 14 Израелци. сд/

Остани поврзан