• недела, 24 ноември 2024

На Ердоган му се слоши за време на предизборно ТВ интервју

На Ердоган му се слоши за време на предизборно ТВ интервју
 

Анкара, 26 април 2023 (МИА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган синоќа го прекина телевизиското интервју во живо откако за време на разговорот му се слошило.

Ердоган потоа се врати и се извини, објаснувајќи дека почуствувал куса болка во стомакот.

Турскиот лидер (69) само вчера одржа три предизборни говори во екот на кампањата за парламентарните и претседателските избори на 14 мај.

Синоќа тој требаше да го заврши предизборниот ден со интервју во живо за „Улке ТВ“ и „Канал 7“. Но, неговото појавување на телевизија доцнеше повеќе од 90 минути, а потоа беа скратени десет минути од емисијата. Камерата се затресе, а новинарот кој го поставуваше прашањето стана од столот додека се скрши преносот.

Од зад камерата се слушна неидентификуван глас како воздивнува.

Претседателот Ердоган се врати во студиото 15 минути подоцна и се извини и објасни дека му е лошо.

-Вчера и денеска беа напорни денови. Ме фати стомачен вирус. Во еден момент се запрашав дали би било погрешно ако го откажеме интервјуто. Но, ветивме. Барам прошка од вас и од вашата публика, рече Ердоган.

Неговото лице изгледаше уморно, а очите му се стеснуваа додека зборуваше, јавуваат турските медиуми.

Ердоган потоа одговори на уште неколку прашања пред да заврши разговорот.

Тој и неговата партија доминираа со турската политика во последните 20 години. Меѓутоа, оваа изборна кампања претставува еден од најтешките предизвици за време на неговото долго владеење. сд/

  

 

 

Остани поврзан