• сабота, 23 ноември 2024

На државните универзитети ќе се формира Унија на синдикати на високото образование

На државните универзитети ќе се формира Унија на синдикати на високото образование

Битола, 21 ноември 2024 (МИА) - Претседателите на синдикатите на државните универзитети „Св. Кирил и Методиј“-Скопје, „Св. Климент Охридски“-Битола, „Гоце Делчев“-Штип, „Мајка Тереза“-Скопје, „Апостол Павле“-Охрид и Универзитетот во Тетово, потпишаа иницијатива за формирање Унија на синдикати во високото образование.

Синдикатите се задоволни од досегашните успешни синдикални активности, посебно во делот на законското решение и зголемување на платите на наставниот и ненаставниот кадар, и сметаат дека со формирање на Унијата ќе бидат уште поефикасни, изјави за МИА, универзитетскиот професор Саша Дукоски, претседател на синдикалната организација при УКЛО-Битола.

-Во Битола одржавме успешен состанок во функција на работничките права. Учесниците од шесте државни универзитети, односно ние претседателите на соодветните синдикални организации, едногласно одлучивме за здружување и основање на Унија на синдикати на високото образование. На овој начин ќе може во иднина поефикасно да ги застапуваме и остваруваме работничките права, да помогнеме во унапредување на стандардот на вработените и да дејствуваме во подобрувањето на квалитетот на високото образование во интерес на студентите, истакна Дукоски.

Иницијативата е успешна, документацијата е комплетирана, претстои регистрирање на Унијата на синдикати во високото образование, а потоа и промоција која најверојатно ќе се одржи во Охрид, најави Дукоски.

-Синдикатите на државните универзитети остануваат посветени на парадигмата дека нема прогрес без достоинствена плата и работни услови, ниту автономија и слобода на мислата и говорот во академијата без достоинствен живот, што е силен мотив за синдикалните напори на универзитетите во државата. УКЛО преку својот синдикат, овие постулати силно и активно ги поддржува, посочи универзитетскиот професор Саша Дукоски, претседател на синдикатот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола. мт/дма/


Фото: МИА
 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан