• среда, 18 декември 2024

На денешен ден

На денешен ден

11 декември 2024 (МИА) 

 

-  Ден на македонските студенти

 

- Ден на светите Петнаесет тивериополски маченици, заштитници на Струмица. - Патронен празник на Струмица.

 

1282.- Умрел византискиот цар Михаило VIII Палеолог, основач на последната династија и обновител на Византија по латинската окупација која траела 57 години, кога седиштето на царството било вратено од Никеја во Константинопол (Цариград). На престолот како совладетел на никејскиот цар дошол во 1259 година, а во 1261 година станал владетел на обновеното царство.

 

1475.- Роден е италијанскиот римокатолички свештеник Џовани де Медичи, кој од 1513 до неговата смрт во 1521 година бил папа под името Лав X. Како голем заштитник на уметноста Рим го направи центар на европската култура. Иако вложил силни напори, вклучувајќи ја и екскомуникацијата на основачот на протестанската црква во Германија Мартин Лутер, не успеал да го запре движењето на верските реформи за создавање на протестанската црква кои започнале во текот на неговиот понтификат. 

 

1810.- Роден е францускиот писател Луј Шарл Алфред де Мисе. Неговата несреќна љубов со писателката Жорж Санд го инспирирала за најубавите и највозбудливите лирски песни „Ноќ“, „Писмо за Ламартин“ и “Исповед на едно дете од овој век“. Други дела: стиховите „Приказни од Шпанија и Италија“, „Со љубовта не се игра“ и други. 

 

1843.- Роден е германскиот бактериолог Роберт Кох, еден од основачите на бактериологијата, добитник на Нобеловата награда за медицина во 1905 година. Во 1882 година го открил бацилот туберкулоза (Кохов бацил), симнувајќи го превезот на тајните за опасната болест која во 19. век ги косела луѓето.  Ги пронашол и предизвикувачите на колерата, болеста која низ историјата уништувала цели области. Ги истражувал тифусот и маларијата.

 

1882.- Во Врацлав, Полска, е роден Макс Борн, германски и британски научник, светски теоретичар во областа на нуклеарната физика. Во 1954 година ја добил Нобеловата награда за физика. Умрел во Гетинген, Германија, на 5 јануари 1970 година. 

 

1894.- Во Париз била отворена првата светска автомобилска изложба на која биле претставени девет произведувачи. 

 

1910.- Во Солун е роден Димо Тодоровски, академик, познат македонски вајар од првата генерација вајари кои ја втемелиле оваа ликовна уметност кај нас. Тој бил единствениот скулптор што се појавил меѓу двете светски војни во Македонија. Умрел во Скопје, на 27 април 1983 година. 

 

1918.- Роден е рускиот писател Александар Исајевич Солжењицин, добитник на Нобеловата награда за литература во 1970 година. Дела: „Онколошка клиника“, „Август Четиринаесеттата“, „Црвениот велосипед“, „Русија во бездна“, „Заробеници“, „Ленин во Цирих“, „Тенковите ја знаат вистината“, „Паразит“. 

 

1918.- Во Љубљана умрел Иван Цанкар, словенечки писател и публицист. Негови познати дела се "Слугата Јернеј и неговото право", "Кралот на Бетајнова", "Под крстот" и други. Роден бил во Врхника, на 10 мај 1876 година. 

 

1937.- Италија се повлекла од Друштвото на народите. 

 

1941.- САД им објавиле војна на Германија и на Италија. 

 

1946.- Со одлука на Генералното собрание на Организацијата на обединетите нации основан е Меѓународниот фонд на ОН за помош на децата (УНИЦЕФ). Како најблагородна организација на ОН во 1965 година, ја добила Нобеловата награда за мир. Седиштето на УНИЦЕФ е во Њујорк. 

 

1951.- Во Велес е родена академик Катица Ќулавкова – поетеса, книжевен научник, книжевен критичар и антологичар. Дипломирала на Филозофскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на истиот магистрирала, а докторирала на Филозофскиот факултет во Загреб. Работела како универзитетски професор, била претседател на Македонскиот ПЕН центар, член е на Друштвото на писатели на Македонија. Во 2003 година е избрана за член на Македонската академија на науките и уметностите. Најпознати поетски книги: „Благовести“, „Акт“, „Нашиот согласник“, „Изгон на злото“, „Бришан простор“. Научни дела: „Потход и исход“, „Фигуративниот говор во македонската поезија“, „Одлики на лириката“, „Задоволство во толкувањето“ и други. Носител е на врвни македонски и меѓународни книжевни награди меѓу кои и на: „Браќа Миладиновци“, „Ацо Шопов, „Димитар Митрев“,  „11 Октомври“.

 

1972.- Американските астронаути и членови на екипажот на вселенскиот брод „Аполо 17“ стапнале на Месечината. Тоа била последната мисија во рамките на американската програма „Аполо“. 

 

1973.- Западногерманскиот канцелар Вили Брант и чехословачкиот претседател на владата Лубомир Штроугал потпишале договор со кој формално го поништиле Минхенскиот пакт од 1938 година, со кој Велика Британија и Франција и ја отстапиле на Германија областа Судет во Чехословачка. 

 

1987.- Во Лос Анџелес, САД умрел Саша Хајфец, еден од најголемите виртуози на виолина на 20 век. На 12-годишна возраст, по концертот во Лондон, Фриц Хеслер, во тоа време водечки виолинист во светот, кога го слушнал Хајфецовиот звук без трошка завидливост на собраните музичари им рекол: „Господа, мислам дека е време да ги оставиме виолините, ова е неповторливо“. На 16-годишна возраст ја напуштил Русија и се населил во САД. Роден е во градот Вилна, Русија, во 1901 година. 

 

1990.- Во Албанија било дозволено формирање на опозициски политички партии. 

 

1991.- Во Стокхолм умрел Артур Лунквист, шведски писател и академик. Напишал повеќе од стотина книги и објавил околу илјада новински текстови. За негова заслуга се смета презентирањето на многубројните странски автори пред шведската јавност. Добитник е на „Златниот венец“ на Струшките вечери на поезијата во 1997 година. Роден бил во 1906 година. 

 

1991.- Лидерите на 12-те земји на Европската заедница создале лабава федерација со заедничка надворешна политика и единствена валута од 1999 година. 

 

1992.- Советот за безбедност на Обединетите нации одлучил да испрати 800 „сини шлемови“ во Република Македонија. 

 

1994.- Руски трупи влегле во Чеченија за да ги смират сепаратистичките бунтови во автономната република и воспоставиле редовна управа од страна на централната влада. 

 

1996.- Во Битола било одржано Основачкото собрание на Националниот сојуз на студентите на Македонија. 

 

2001.- Кина станала членка на Светската трговска организација. 

 

2004.- Во Скопје умрела Јадранка Владова, македонски разкажувач, литературен теоретичар, есеист и преведувач. Меѓу десетиците дела спаѓаат „Измислување на светот“, „Девојчето со две имиња“ (романи за деца), „Волшебноста на зборот“ (есеи и критики) и други дела. Родена била во Скопје, на 20 април 1956 година.

 

2007.- Во две паралелни експлозии во Алжир, загинале 67 луѓе, од кои пет биле вработени лица во Обединетите нации. Целта на едниот напад била Канцеларијата на УНХЦР во алжирската престолнина, а другата бомба експлодирала недалеку од зградата на Врховниот суд. Зад нападот најверојатно стоел северноафриканскиот огранок на Ал Каида, кој дејствувал под името Ал Каида во исламска северна Африка. Овој напад во Алжир бил поголем од нападот врз ОН во август 2003 година кога биле убиени 22 припадника на ОН, меѓу кои и шефот на мисијата во Ирак Серхи Виел де Мел.  

 

2017.- На 54-годишна возраст почина тапанарот на хрватската поп-панк група „Психомодо поп“. Калебота пред само десет дена го прослави 53-от роденден. Тој беше еден од основачите на бендот во 1983 година. Всушност, музичарот од 1981. до 1983. заедно со гитаристот Смилјан Парадиш - Шпарка свиреа во групата „Нерон“, а со доаѓањето на Давор Гобац во 1983., таа го менува името во - „Психомодо поп“.

###

 

Остани поврзан