• сабота, 23 ноември 2024
На денешен ден
24 март 2020 (МИА) - Светски ден на борба против туберкулозата 1603.- Во Лондон умрела англиската кралица Елизабета, а на престолот дошол шкотскиот крал Џемс Шести, со што Англија и Шкотска создале персонална унија. За време на нејзиното владеење (1558 до 1603), Англија доживеала голем напредок во целокупниот развој. Родена била во 1533 година. 1783.- Шпанија ја признала независноста на САД. 1882.- Германскиот бактериолог Роберт Кох објавил дека го изолирал бацилот на туберкулозата. 1882.- Умрел американскиот писател Хенри Водсворт Лонгфелоу. Дела: индијанскиот еп „Хијавата“, поемите „Евангелина“, „Поема за ропството“, сонатата „Божествена комедија“. 1845.- Во селото Лешок, Тетовско, умрел Кирил Пејчиновиќ, македонски писател и просветител. Своето образование го започнал во манастирската школа во црквата „Света Пречиста Кичевска“, а го продолжил во манастирот Света Гора. Од Света Гора се вратил во Марковиот манастир, блиску до Скопје, каде што почнал да пишува. Подоцна се преместил во манастирот Лешок и таму останал до крајот на животот. Неговата дејност има големо значење за македонската литература, пред се затоа што пишувал и печател дела на народен јазик. Негови најпознати дела се „Огледало“, печатено во Будим, во 1816 година и „Утешение грешним“, печатено во Солун, во 1840 година, во печатницата на Теодосија Синаитски. Роден бил во селото Теарце, Тетовско, околу 1771 година. 1894.- Во Солзбери (денес Хараре), во Зимбабве, умрел Верни Ловет Камерон, англиски истражувач, кој прв ја помина Африка од исток до запад и ја откри Лукуга, голема река што истекува од езерото Тангањика. Роден бил е во 1844 година. 1930.- Роден е американскиот филмски актер Стив Меквин. Филмови: „Љубов со странец“, „Седумтемина величенствени“, „Синсинати Кид“, „Шампион во родео“, „Големото бегство“, „Пеперутка“, „Булит“, „Том Хорн“, „Ловец“. 1945.- Американските и британските трупи во Втората светска војна ја преминале реката Рајна и продолжиле со навлегување во внатрешноста на Германија. 1946.- Умрел рускиот велемајстор Александар Александрович Аљехин, еден од најголемите шахисти во светот. Тој е единствениот кој до смртта ја имал титулата светски првак. Светски првак во шах станал во 1927 година совладувајќи го кубанскиот велемајстор Раул Капабланка. 1949.- Во Скопје бил формиран Државниот ансамбл на народни игри и песни на Народна Република Македонија, кој од 2 јуни 1953 година го носи денешното име Ансамбл за народни игри и песни на Македонија „Танец“. 1962.- Умрел Огист Пикар, швајцарски физичар и истражувач на морските длабочини. Бил професор на Универзитетот во Брисел. Ги проучувал радиоактивноста, атмосферскиот електрицитет и вселенските зраци. Во 1931 година станал првиот човек кој стасал во стратосферата, качувајќи се со балон до 15.780 метри, а во 1934 година и до 17.550 метри. 1972.- Велика Британија воспоставила директна контрола во Северна Ирска за да ги спречи конфликтите на паравоените групи на римокатолиците и протестантите. 1976.- Умрел британскиот фелдмаршал Бернард Ло Монтгомери, еден од водечките сојузнички војсководци во Втората светска војна. Победата на неговата Осма армија над Африканскиот корпус на германскиот фелдмаршал Ервин Ромел во битката кај Ел Аламејн кон крајот на 1942 година го свртела текот на војната во Африка. 1976.- Во Аргентина власта ја приграбила воената хунта на генералот Хорхе Видела, а претседателката Изабела Перон била уапсена. 1980.- Во Ел Салвадор бил убиен надбискупот Сан Салвадор Оскар Арнулфо Ромеро и Галдамес додека ја водел службата во црква. Тој бил најгласниот критичар на суровите постапки на воената власт која била под влијание на САД. 1993.- Езер Вајцман бил избран за седми претседател на Израел. 1994.- Во Чикаго, САД, умрел Збигњев Голомб, истакнат полски лингвист, македонист и балканист, член на Македонската академија на науките и уметностите и на Полската академија на уметностите. Роден бил во Нов Тарг, Полска, во 1923 година. 1996.- Во Лондон умрел Абел Гудман, 64-годишен пензиониран филмски продуцент, првиот човек со „електрично срце“. 1997.- Генералниот секретар на НАТО, Хавиер Солана допатувал во прва официјална посета на Република Македонија. 1999.- Почнало бомбардирањето на НАТО врз СР Југославија по наредба на генералниот секретар на Алијансата Хавиер Солана. Бомбардирањето завршило на 10 јуни 1999 година со усвојување на Резолуцијата 1244 за Косово на Советот за безбедност на Обединетите нации. 2003.- Компанијата „Клонејд“ соопштила дека создала пет клонирани човечки суштества. Таа ги покажала за првпат фотографиите на наводно клонирано бебе. 2005.- Во главниот град на Киргизија, Бишкек, демонстрантите без ниеден испукан куршум ја зазеле владината зграда, кабинетот на претседателот и телевизијата. Претседателот на Киргизија Аскар Акаев поднесол оставка и ја напуштил земјата, а лидерот на опозициската странка Народно движење на Киргизија Курманбек Бакијев бил именуван за вршител на должноста претседател на државата и премиер. 2008.- Умрел Ричард Видмарк, еден од најпознатите американски и светски филмски актери. Роден бил во Санрајс, Минесота, на 26 декември 1914 година. 2016.- Легендата на холандскиот и светскиот фудбал, поранешната ѕвезда на „Ајакс“ Јохан Кројф, починал во Барселона во 68 година од животот. Кројф бил трипати добитник на „Златната топка“ за најдобар фудбалер. Со холандската репрезентација од златното време на фудбалот во оваа земја, тој не успеа да ја освои светската титула, но со својот клуб „Ајакс“ трипати едно по друго, бил првак на Европа. Подоцна како тренер на „Барселона“ Кројф помогнал овој шпански клуб во 1992 година, за првпат да стане европски првак. ###

Остани поврзан