• сабота, 23 ноември 2024

На денешен ден

На денешен ден
22 февруари 2020 (МИА) - Денеска е Светски ден на извидничкото движење 1732.- Роден е Џорџ Вашингтон, прв претседател на САД (1789-1797). Во војната за независност бил врховен заповедник на војската на колонистите и лично заслужен за победата во војната и за ослободување од Британија. За претседател по вторпат беил избран во 1792 година. На третите избори одбил да се кандидира и се повлекол од политичкиот живот. Умрел на 14 декември 1799 година. 1788.- Во Данцинг е роден Артур Шопенхауер, германски филозоф - идеалист. Неговата филозофија одразува песимистички став. Според него, животот е бескрајно страдање. Умрел во Франкфурт на Мајна, на 21 септември 1860 година. 1819.- САД ја презеле Флорида од Шпанија, според договорот кој го потпишале американскиот државен секретар Џон Кинси Адамс и шпанскиот министер Дон Лаус де Онис. 1828.- Со мировниот договор во Туркмаџај Прусија по поразот во војната со Русија била принудена да и отстапи дел од Ерменија, вклучувајќи го и градот Ереван. 1848.- Почнала Февруарската револуција во Франција. За два дена работниците ги зазеле сите касарни во Париз. Кралот Луј Филип абдицирал, а на 25 февруари Франција била прогласена за република. 1862.- Во текот на Американската граѓанска војна Џеферсон Дејвс бил прогласен за претседател на Конфедерацијата на Државите на Америка (единаесет јужни држави). 1875.- Во Париз умрел Камиј Каро, француски сликар, еден од создавачите на модерниот лирски интимен пејзаж. Неговиот опус опфаќа околу 2.000 слики, 300 цртежи и десеттина графики. Роден бил во Париз, на 16 јули 1796 година. 1878.- Во Охрид е роден Христо Узунов, еден од плејадата големи македонски револуционери. Поради својата револуционерна дејност бил затворан од страна на османлиската власт. За време на Илинденското востание учествувал во востаничките акции. И по задушувањето на востанието ја продолжил борбата за слобода се до неговата смрт кога со 11 соборци, за да не им се предадат живи на османлиите се самоубиле, на 14 април 1905 година. 1900.- Роден е шпанскиот филмски режисер Луис Буњуел, еден од најпознатите во светската кинематографија. Снимил 32 филма, а „Андалузиско куче“ од 1928 и „Златна доба“ од 1930 година претставуваат образец за надралистичкиот поетски филм. Ја напишал автобиографијата „Мојата последна воздишка“. Филмови: „Земја без леб“, „Лос олвидадос“, „Робинсон Крусо“, „Тоа се вика зора“, „Назарен“, „Ангел на смртта“, „Ѕзвезден пат“, „Тристана“, „Убавицата на денот“... 1935.- Во Суботица е роден Данило Киш, еден од најголемите писатели во поранешна Југославија. Меѓу најпознатите негови дела се романите „Бавча, пепел“ и „Гробница за Борис Давидович“, книгите раскази „Енциклопедија на мртвите“ и „Рани јадови“ и драмата „Електра 70“. Умрел во Париз, на 15 октомври 1989 година. 1942.- Зафатен со внатрешната криза и скршен од нацистичкото варварство, австрискиот писател Штефан Цвајг, кој пред нацистите во 1938 година емигрирал во САД, извршил самоубиство во Бразил. Дела: „Амок“, „Првото доживување“, романсираната биографија „Жозеф Фуше“, „Марија Антоанета“, „Марија Стјуарт“, студијата „Тројца мајстори“ (Балзак, Дикенс, Достоевски), „Борба со ѓаволите“ (Хелдерлин, Клајст, Ниче), „Тројцата писатели на својот живот“ (Казанова, Стендал, Толстој), автобиографијата „Вчерашен свет“. 1967.- Претседателот на Индонезија Ахмед Сукарно му ја предал извршната власт на генералот Сухарто, задржувајќи ја само титулата претседател. 1980.- Умрел австрискиот сликар и писател Оскар Кокошка, еден од најистакнатите претставници на експресионистичкото сликарство. Во текот на Втората светска војна сликал големи композиции со идејно-хуманистичка содржина. Дела: драмите „Убиец, иако жена“ и „Трнливиот жбун во пламен“... 1980.- Израелската Влада донесла одлука за пуштање во оптек на нова национална валута, шекел, која ја замени израелската фунта. 1987.- Умрел американскиот сликар, новинар, филмски режисер и продуцент Енди Ворхол, еден од најзначајните претставници на поп-арт сликарството. Филмови: „Емпајер“, „Сон“, „Девојките од Челзи“, „Осамениот каубој“, „Месо“, „Ѓубре“, „Секс“, „Побунети жени“, „Месо за „Франкештајн“, „Крв за Дракула“. 1988.- Во Скопје умрел Петар Богданов - Кочко, македонски композитор, оперски пејач (тенор) и организатор на музичкиот живот во Македонија. Бил еден од основачите на Операта на Македонскиот народен театар и на првото музичко училиште, прв претседател на Друштвото на музичарите на Македонија. Како пејач остварил низа значајни улоги. Роден бил во Скопје, на 12 март 1913 година. 1992.- Умрел водачот на грчките партизани Вафијадис Маркос, командант на таканаречената Демократска армија на Грција во граѓанската војна од 1946 до 1949 година. Емигрирал во Советскиот Сојуз, а во Грција се вратил при крајот на животот. 1994.- Владата на Република Македонија донесла одлука за воспоставување дипломатски односи меѓу Република Македонија и Кралството Белгија. Во Брисел, со размена на дипломатски документи, Кралството Белгија воспоставила дипломатски односи со Република Македонија. 1998.- Во Скопје умрел Димитар Ќостаров, еден од доајените на македонската театарска уметност. Роден бил во Ичера, Сливенско, Бугарија, на 25 август 1912 година. 2002.- Убиен бил новинарот на „Волстрит журнал“ Даниел Перл кого го киднапирале исламски терористи во Карачи, во Пакистан, додека се обидувал да воспостави контакт со пакистанските радикални исламистички групи. 2006.- Во Златната џамија од 17. век, во Самара, едно од најголемите светилишта на шиитите во Ирак, подмената била бомба која тешко го оштетила храмот и ја разорила неговата златна купола. Во знак на одмазда за 48 часа биле убиени околу 130 сунити, а биле запалени 170 сунитски џамии. Настрадале дури 379, а повредени биле 458 лица. 2008.- Турскиот претседател Абдулах Ѓул потпишал закон со кој се укинала забраната за носење шамии на студентките на турските универзитети. ###

Остани поврзан