• вторник, 12 ноември 2024
На денешен ден
12 април 2020 (МИА) 1204.- Крстоносците во Четвртата крстоносна војна го зазеле Константинопол, претворајќи го во центар на Латинското царство - државите кои ги основаа на просторите на географска Тракија и Мала Азија. Латинското царство престанало да постои кога во 1261 година византискиот цар Михаил Осми Палеолог ги протерал крстоносците од Константинопол. 1654.- Ирска и Шкотска се обединиле со Англија. 1823.- Роден е рускиот писател Александар Николајевич Островски, чии дела се основа на рускиот класичен драмски репертоар. Дела: драмите „Шума“, „Бура“, „Без вина виновни“, „Девојката без мираз“, „Сиромаштијата не е порок“, „Свои сме, ќе се договориме“, „Волци и овци“. 1850.- Франција на повик на папата Пие Деветти - кој 20 години подоцна воспостави догма за непогрешливост на римокатоличкиот поглавар - го окупирала Рим, разбивајќи ја републиканската војска која се борела за обединување на Италија. 1903.- Меѓу железничката станица во Истборн и градчето Мидс, во англиската грофовија Сасекс, била воведена првата редовна автобуска линија во светот. 1945.- Во Ворм Спринс, Џорџија, умрел Франклин Делано Рузвелт, претседател на САД, кој на должноста бил избран четирипати. Популарноста ја добил со својата политика, со која успеал да ја ублажи големата економска криза во земјата. Кога избувнала Втората светска војна застанал на страната на сојузниците, а по влегувањето во војната, целиот индустриски потенцијал го потчинил на потребите на војната против силите на Оската. Роден бил во Хајд Парк, Њујорк на 30 јануари 1882 година. 1961.- Советскиот Сојуз го лансирал во орбитата околу Земјата вселенскиот брод „Восток -1“, во кој се наоѓаше 27-годишниот астронаут Јуриј Алексеевич Гагарин, првиот човек кој летнал во вселената. По летот, кој траел 103 минути, тој се спуштил кај селото Смеловк, јужно од Саратов. Гагарин загинал во авионска несреќа, на 27 март 1968 година. 1981.- Умрел американскиот боксер од африканско потекло Џо Луис, апсолутен светски првак во тешка категорија од 1937 до 1949 година. Титулата ја презел од неговиот сонародник Џејмс Брадок и ја одбранил 25 пати, што претставува рекорд, кој не е надминат. Се повлекол непоразен во 1949 година. На рингот се вратил во 1950 и 1951 година поради финансиски тешкотии, но не успеал да ја поврати титулата. 1987.- Двајца руски астронаути „шетајќи“ во вселената успешно го поврзале вселенскиот модул со орбиталната станица „Мир“. 1993.- Во Њујорк, меѓу Република Македонија и Република Грција започнале преговорите за надминување на несогласувањата околу името на Република Македонија и за тоа кое знаме ќе може да биде истакнато пред седиштето на ООН. 2002.- Во Венецуела во државен удар со поддршка на Вашингтон бил симнат од власт демократски избраниот претседател Хуго Чавез. За шеф на државата бил прогласен проамериканскиот работодавач Педро Кармона, но Чавез само два дена подоцна се вратил на власт. 2008.- Со средбата меѓу двајцата лидери, претседателот на Кина Ху Џинтоа со потпретседателот на Тајван Винсент Шујом, била прекината повеќедецениската традиција на „затегнати“ односи меѓу двата дела на Кина. Средбата на двајцата лидери била прва од тој вид од крајот на граѓанската војна во Кина, која завршила во 1949 година со бегството на националистичките (антикомунистички) сили на Тајван. 2012.- Во атарот на скопското село Смиљковци во грозоморен чин биле убиени момчињата Филип Славковски, Александар Наќевски, Цветанчо Ацевски и Кире Тричковски на возраст од околу 20 години, сите од Радишани и 45-годишниот Борче Стевковски од Црешево. Убиени биле со огнено оружје. 2019.- Поранешниот градоначалник на Тетово, Алајдин Демири почина на 65-годишна возраст. Беше градоначалник на Тетово во периодот од 1997 до 1998 година. Демири студирал социологија во Сараево од 1973 до 1977 година. Работел како новинар во редакцијата на албански јазик на Македонската радио телевизија, бил професор во средно училиште, како и вработен во Градската библиотека. Поранешниот градоначалник на Тетово беше осуден на две години затвор во 1998 година заедно со гостиварскиот градоначалник поради истакнување на знамето на Албанија пред општинската зграда. Беше ослободен со амнестија. Подоцна беше амбасадор на Македонија во Швајцарија. Од 2001 година работел на Универзитетот на Југоисточна Европа каде како директор на Библиотеката „Макс Ван дер Штул“ се пензионираше во 2019 година, додека од 1995 година се вклучува во политика, во Партијата за демократски просперитет. Подоцна, во 1997-ма, како кандидат на Демократската партија на Албанците станува градоначалник на Тетово. Демири е роден на 19 декември 1954 година во Тетово. ###

Остани поврзан