• сабота, 23 ноември 2024

На денешен ден

На денешен ден
22 април 2020 (МИА) - Денеска е Ден на поштарско-телеграфските работници на Македонија. - Денеска е Ден на планетата Земја 1529.- Во Сарагоса бил потпишан Договор со кој Шпанија и Португалија ги одредиле границите на интересните зони во Тихиот Океан. 1724.- Роден е германскиот филозоф Имануел Кант, професор на Универзитетот во Кенигзберг, основач на германската класична филозофија. Тој ја поставил хипотезата за природно формирање на Земјата и небеските тела. Негови најпознати дела се „Критика на практичниот ум“, „Критика на чистиот ум“, „Општа теорија на природата и теорија на небото“ и други. 1766.- Во Париз е родена Мадам де Стал, француска писателка. Во 1810 година ја напишала книгата „За Германија“, која Наполеон ја забранил бидејќи авторот се восхитувал од германската филозофија и литература. Со право таа се смета за основоположник на францускиот романтизам кој ги поставил новите основи на целата француска литература и култура. Умрела во Париз, на 14 јули 1817 година. 1773.- Во селото Тресонче, дебарско е родена Сирма Војвода, ќерка на Анѓа и зографот Петре Врлески, предводничка на ајдуци, војвода на дружина. Таа е опеана во народните песни. Умрела во Прилеп, во 1858 година. 1822.- Турската флота го зазела грчкиот остров Хиос и го масакрирала христијанското население. 1838.- Британскиот брод „Сириус“ прв го поминал Атлантскиот Океан користејќи парен погон. Патувањето од британското пристаниште Корк до американското пристаниште Њујорк траело 18 денови и 10 часа. 1870.- Во Сибирск е роден Владимир Илич Ленин, еден од водачите на руското и на меѓународното работничко движење, организатор на Октомвриската социјалистичка револуција во Русија и основач на советската држава, економист, социолог и марксист. Умрел во Горки, кај Москва, на 21 јануари 1924 година. 1915.- Патувајќи од Мелник за Неврокоп, во близина на Роженскиот манастир, бил убиен Јане Сандански, една од врвните фигури во македонското национално ослободително движење пред и по Илинденското востание од 1903 година. Роден бил во селото Влахи, Мелничко, Пиринска Македонија, на 31 мај 1872 година. 1920.- Поштарите во Македонија стапиле во штрајк. 1970.- Во САД се одржале најмасовните демонстрации во историјата, кога била манифестирана загриженоста за зачувување на животната средина. 1992.- Во серија експлозии во канализацискиот систем со амониум-нитрат во железничката станица во севернокорејскиот град Рјонгчон во близина на кинеската граница, загинале најмалку 161 лице, повеќе од илјада биле повредени, а уништени биле 2.000 згради. 2006.- Починала италијанската актерка Алида Вали. Родена била во Пула во 1021 година, како Алида фон Алтенбургер. Вали во филмската кариера, долга повеќе од шест децении, особено се истакнала со улогите во филмовите „Трет човек“ на Керол Рид во 1949 година и во „Случајот Парадин“ на Алфред Хичког од 1947 година. 2007.- Починал Томе Арсовски, македонски поет, раскажувач, романописец, драмски автор и преведувач. Завршил Филолошки факултет во Скопје. Работел над 30 години како драматург во Македонската радиотелевизија. Бил претседател на Друштвото на писателите на Македонија, каде членувал од 1959 година. Носител бил на најзначајни македонски книжевни и општествени награди, меѓу кои и „Св. Климент Охридски“ и „11 Октомври“. Книжевни дела: „Парадоксот на Диоген“, „Александра“, „Чекор до есента“, „Парадоксални раскази“, „Убавината чекори сама“, „Скок преку кожа“, „Кристална планета“, „Забите на ветрот“ и други. 2012.- Чарлс Колсон, еден од најпознатите учесници на аферата Вотергејт од ерата на претседателот Ричард Никсон, починал во 80-та година во САД. Колсон на почетокот на 70-те години на минатиот век бил еден од најблиските и највлијателните соработници на претседателот Никсон, кој главно се занимавал со разузнавачки податоци за неговите политички противници. Откако биле обиени просториите на Демократскиот национален комитет во 1972 година, скандалот што уследил потоа, го натерал Никсон да поднесе оставка две години подоцна. Колсон негирал дека учествувал во акцијата, но подоцна сепак му било судено, и тој на судот му признал дека учествувал во дискредитација на аналитичарот на Пентагон Даниел Елсберг, кој на медиумите им доставил доверливи документи на Министерството за одбрана за војната во Виетнам. ###

Остани поврзан