• недела, 24 ноември 2024
На денешен ден
11 февруари 2020 (МИА) 1741.- Роден е Андре Ернест Гретри, француски композитор и музички писател, од белгиско потекло, најистакнат композитор на комични опери во 18. век. Негови познати дела се „Ричард Лавовско Срце“, „Карван од Каиро“ и други, а пишувал и мемоари и есеи. Умрел на 24 септември 1813 година. 1847.- Роден е Томас Алва Едисон, американски техничар и пронаоѓач. Негови најзначајни пронајдоци се фонографот (грамофонот), микрофонот, акумулаторот, електричната светилка, го усовршил телефонот, меѓу првите изградил електрична централа, прв ја применил филмската лента од целулоид и изградил прво филмско ателје во светот. Умрел во 1931 година. 1868.- Умрел францускиот физичар Жан Бернар Леон Фуко, кој заедно со Арман Физо ја измерил брзината на светлината. 1889.- Јапонија добила нов устав, со кој во земјата се востановило дводомно собрание, но царот ја задржал извршната власт, и што е уште поважно, неговата традиционална духовно-верска улога остана нечепната. 1909.- Роден е американскиот режисер, сценарист и продуцент Џозеф Лео Менкевич, добитник на два Оскара за режија и два за сценарио. Филмови: „Сѐ за Ева“, „Писма до трите жени“, „Јулиј Цезар“, „Клеопатра“, „Босонога контеса“, „Бегство“, „Луѓето ќе зборуваат“, „Тивкиот Американец“ „Пет прсти“... 1919.- Фридрих Еберт бил избран за прв претседател на Германија, која по поразот во Првата светска војна стана република. 1920.- Роден е египетскиот крал Фарук Први, последен монарх на Египет. На престолот застанал во 1936 година, а во 1952 година бил симнат од побунетите офицери, по што бил принуден да ја напушти земјата. Умрел во Рим во 1965 година. 1929.- Со потпишувањето на Латеранскиот договор меѓу папата Пие Единаесетти и Италија, основана е ватиканската држава – „Чита дел Ватикано“. Државата Ватикан се наоѓа во центарот на Рим, оградена со ѕидини и зазема површина од 44 хектари и има 3.000 жители. Ватикан има своја радиостаница, телеграфска и поштенска служба, монетарен систем и железничка станица. Врховната власт ја има папата, а политичките работи ги врши државен секретар. 1945.- Во Јалта на Крим, била завршена Кримската конференција на која шефовите на владите на трите големи сили на антихитлеровската коалиција, Сталин (СССР), Рузвелт (САД) и Черчил (Велика Британија), ги усогласиле воените планови за окончување на војната против Германија и Јапонија. Притоа усвоиле резолуција за „ослободена Европа“ и се договориле за основање „општа меѓународна организација за мир и безбедност„ во светот - Обединетите нации. 1953.- Умрел српскиот сликар Урош Предиќ, член на Српската кралска академија. Тој е еден од најголемите српски сликари. Изработил повеќе од илјада икони и низа иконостаси. Работел и историски композиции - „Босански бегалци“, „Косовска девојка“, „Сираче на мајчиниот гроб“, „Весели браќа“. 1956.- Во снежните лавини во подкорапскиот регион, животот го загубиле 52 градители на Мавровскиот хидроенергетски систем, граничари и жители на неколку горнорекански села. 1963.- Во Љубљана умре Фран Алберт, истакнат словенечки писател, еден од најстарите есеисти и критичари. Роден е во Камник, на 17 ноември 1889 година. 1970.- Јапнија станала четвртата земја во светот која лансира вештачки сателит. 1971.- На церемониите во Москва, Вашингтон и во Лондон, 63 земји го потпишале договорот за забрана за складирање нуклеарно оружје на дното на морињата и океаните. 1975.- Убиен бил претседателот на Мадагаскар - Ричард Рацимандрав, по само шест дена откако почнал да ја извршува функцијата шеф на државата. 1975.- Првпат во Велика Британија шеф на една политичка партија станала жена. За претседател на Конзервативната партија била избрана Маргарет Тачер. 1978.- Во Стокхолм умрел Хари Едмунд Мартинсон, шведски писател и академик. Уште на 16 години станал морнар и низа години пловел од Италија до Бразил. Меѓу најпознатите негови дела се романите „Копривите цветаат“, „Заминување“, „Патување без цел“, „Кап Фарвел“ и други. Во 1974 година ја добил Нобеловата награда за литература. Роден е во Јемсхег, на 6 мај 1904 година. 1985.- Во Лос Анџелес умрел Хенри Матавеј, славен американски филмски режисер. Добитник е на еден „Оскар“, но снимил дури 66 филмови, меѓу кои најпознати се неговите вестерни „Наследството на пустината“, „Напад на поштенската кочија“, „Ѓаволска градина“ и други. Роден бил во 1899 година. 1990.- Лидерот на Африканскиот национален конгрес Нелсон Мандела бил ослободен по 27 години поминати во јужноафриканските затвори. 1992.- Во Штип умрел Методи Докузов, легендарен музички педгог на овој град и еден од основоположниците на музичката култура во Македонија. Роден бил во Штип, во 1917 година. 1993.- Умрела српската поетеса Десанка Максимовиќ, член на Српската академија на науките и уметностите. Дела: „Песни“, „Зелениот витез“, „Татковино, тука сум“, „Мирисот на земјата“, „Барам помилување“, „Немам повеќе време“, „Песни од Норвешка“, „Ничија земја“... Била носител на Златниот Венец на Струшките вечери на поезијата. 1994.- Со слетувањето на Земјата на шатлот „Дискавери“ со пет американски астронаути и еден руски космонаут, завршила првата американско-руската спејс шатл мисија. 2000.- Во Париз умрел Роже Вадим, француски режисер. Роден е во 1928 година. 2001.- Во Тетово бил поставен камен-темелник на Штуловиот колеџ, првиот приватен универзитет во Република Македонија. 2002.- Ватикан го формализирал присуството во Русија со создавање на четири римокатолички диецези, не обрнувајќи внимание на протестите на Руската православна црква. 2004.- Во Скопје умрел Томе Саздов, универзитетски професор по народна литература, научен работник и почесен член на Друштвото на писателите на Македонија. Автор е на повеќе книги, меѓу кои: „Македонски народни приказни“, „Марко К. Цепенков како собирач на македонски народни умотворби“, „Македонска народна лирика“, „Усна книжевност на Македонците“, „Историја на македонската книжевност - усна народна книжевност“, „Непознатиот Прличев“ и други. Роден е во Скопје, на 8 февруари 1934 година. 2006.- Американскиот милионер и авантурист Стив Фосит поставил нов светски рекорд во најдолго летање без сопирање, прелетувајќи за 76 часа 42.469 километри од Флорида околу Земјата во источен правец, па се до јужна Англија, двапати прелетувајќи го Атлантскиот океан. 2013.- Поглаварот на Римокатоличката црква, папата Бенедикт Шеснаесетти за време на мисата во Рим најавил дека ќе се повлече од должноста на 28 февруари во 20 часот по Гринич. Бенедикт Шеснаесетти е првиот папа по речиси 600 години кој поднесол оставка на функцијата. Тој оваа функција ја извршувал речиси осум години, од неговиот избор на 19 април 2005 година. 2013.- Во Франција била пуштена во употреба најбрзата интернет врска во должина од 450 километри, која ги поврзувала Париз и Лион. Новата технологија „Фотонски двигател“ овозможувала да се пренесуваат информации со брзина до 400 гигабајти во секунда. 2019.- По кусо боледување, почина македонскиот романсиер и поет Методија Фотев. Беше член на Друштвото на писатели на Македонија од 1957 година. Неговото книжевно творештво го сочинуваат повеќе романи: „Потомците на Кат“ (1966), „Селани и војници“ (1969), „Големите скитачи“ (1970), „Неплодна вода“ (1978), „Вивариум“ (2010), како и поетската збирка „Поезија не за одмор“ (2002). Добитник е на наградите: „11 Октомври“, „13 Ноември“, „Рациново признание“. Фотев е роден на 14 март 1932 година во Љубојно, Преспанско. ###

Остани поврзан