• вторник, 24 декември 2024
На денешен ден
17 април 2020 (МИА) 1421.- Повеќе од 100.000 луѓе се удавиле кога морето во Холандија ги пробило заштитните насипи. 1492.- Кралската двојка на Шпанија Фернандо Шести и Изабела Прва се согласиле да го финансираат првото патување во Америка, односно Индија како што тогаш се мислело, на шпанскиот морепловец од италијанско потекло Кристофер Колумбо. На Колумбо му биле дадени три брода-едрилици, титулата адмирал на океанот и вицекрал на земјите кои ќе ги освои. Исто така, му била ветена една десеттина од стоката која ќе ја донесел и владетелство на осмина од земјите кои би ги открил. 1790.- Во Филаделфија умрел Бенџамин Франклин, американски државник, филозоф, физичар, економист и писател. Покрај Џеферсон, автор бил на американската „Декларација за независност“. Со години тој се занимавал со демократизација на Уставот и укинување на ропството. Како физичар се занимавал со проучување на електрицитетот и го пронашол громобранот. Роден бил во Бостон, на 17 јануари 1706 година. 1946.- Последните француски војници ја напуштиле Сирија, која стекнала независност. 1961.- Со поддршка на американската Влада и со помош на ЦИА, кубанските контрареволуционери извршиле неуспешен десант во Заливот на свињите, со намера да ја урнат револуционерната власт на Фидел Кастро. Расплетот на драмата бил побрз отколку што очекувал Вашингтон. Револуционерните сили брзо го разбиле инвазивниот корпус. 1975.- „Црвените Кмери“ го зазеле главниот град на Камбоџа, Пном Пен и веднаш почнале терор кон сонародниците во текот на кој, до виетнамската окупација на земјата кон крајот на декември 1978 година, убиле меѓу еден и два милиона луѓе. 1977.- Жените во Лихтенштајн првпат гласале на избори. 1983.- Од територијата на Индија успешно бил лансиран вештачки сателит. Инаку, првиот индиски сателит бил исфрлен со советска ракета во орбитата околу Земјата од космодромот Бајконур на 19 април 1975 година. 1984.- Во Чарлстон умре Марк Кларк, американски генерал, последен од петтемина големи американски команданти во Втората светска војна. Тој ја предводел сојузничката инвазија на Италија во 1943 година и ја потпишал Спогодбата со која била окончана војната во Кореја. Заедно со генералите Џорџ Партон, Даглас Макартус, Двајт Ајзенхауер и Омар Бредли ги предводел сите акции на американската армија во Втората светска војна. Роден бил во 1897 година. 1989.- Полскиот синдикат „Солидарност“ бил легализиран после седумгодишна забрана. 1992.- Во Скопје, претседателот на Република Македонија, Киро Глигоров ја открил новата натпис-плоча на Домот на Армијата на која пишува „Република Македонија, Дом на Армијата – Скопје“. Со тоа на симболичен начин било одбележано доаѓањето на првите регрути на Армијата на Република Македонија и нејзиното воено осамостојување. 1993.- Во Анкара умрел Тургут Озал, осми по ред турски претседател. За време на неговото претседателствување Република Турција ја признала Република Македонија. Роден бил на 13 октомври 1927 година, во источната турска област Малатија. 1997.- Умрел израелскиот државник Хаим Херцог, претседател на Израел од 1983 до 1993 година. 2003.- Умрел рускиот филмски режисер Емил Лотјан, автор на класични филмови, меѓу кои се „Циганите летаат на небото“ и „Ана Павлова“, посветен на една од најголемите руски балерини. За филмот „Циганите летаат на небото“ бил награден со главната награда на Меѓународниот филмски фестивал во Сан Себастијан. 2004.- Новиот водач на палестинското движење Хамас, Абдел Азиз ел Рантиси бил убиен во израелски хеликоптерски напад врз неговото возило. Тој станал водач на движењето откако претходно исто така во израелски напад бил убиен основачот и духовниот лидер на тоа исламистичко движење шеикот Ахмед Јасин. 2004.- Умрела Фана Кочовска - Цветковиќ, најмлад народен херој од НОВ, носител на партизанска споменица 1941. Родена била во село Лавци, Битолско, на 27 јули 1927 година. 2014.- Добитникот на Нобеловата награда за книжевност, колумбискиот писател, новинар, издавач и политички активист Габриел Гарсија Маркес, починал на 88-годишна возраст во Мексико Сити. Маркес бил првиот Колумбиец кому му припаднала Нобеловата награда за литература во 1982 година и четврти нобеловец од Латинска Америка. Маркес се смета најуспешен припадник на магичниот реализам, во кој се преплетуваат митовите и магијата со реалноста на секојдневната егзистенција. Со своите романи и работа на филмот како сценарист, најмногу придонесол латиноамериканската литература да дојде во центарот на вниманието на светската културна јавност. Неговиот најпознат роман „Сто години осаменост“ е продаден во над 30 милиони примероци. Следат романите меѓу кои најпознатите се „Есен на патријархот“ (1975), „Хроника на најавената смрт“ (1981), „Љубов во време на колера“ (1985), „Сеќавање на моите тажни проститутки“ (2004). Маркес бил роден на 6 март 1927 година. 2018.- На 65-годишна возраст почина комичарот Хери Андерсон, најпознат по хумористичната серија „Night Court" којашто се прикажуваше од 1984 до 1992 година и по своите настапи во шоуто „Saturday Night Live". Тој настапуваше и во серијата „Cheers", а имаше и свој продуцентски проект - серијата „Dave's World" којашто се емитуваше од 1993 до 1997 година. ###

Остани поврзан