• недела, 24 ноември 2024

На денешен ден

На денешен ден
26 јануари 2020 (МИА) 1500.- Шпанскиот морепловец Висенте Ханес Пинсон го открил Бразил. 1531.- Португалија ја зафатил катастрофален земјотрес. Главниот град Лисабон бил целосно разурнат, а загинале околу 30.000 луѓе. 1788.- Британски бродови со првите доселеници од Велика Британија, вклучувајќи и група затвореници впловиле во заливот Ботани Беј (Сиднеј), Австралија, каде што формирале колонија. 1827.- Перу прогласило независност. 1841.- Прогласен бил британски суверенитет над Хонгконг. По шест дена Кина била принудена да го отстапи Хонгконг на Велика Британија. 1880.- Роден е американскиот генерал Даглас Макартур. Во Втората светска војна беше командант на американските трупи на Далечниот Исток и во име на САД во септември 1945 година бил сопотписник на капитулацијата на Јапонија. 1891.- Умрел германскиот инженер Николаус Аугуст Ото, кој во 1861 година го направил првиот мотор на бензин, а во 1876 година го измисли четиритактниот мотор со внатрешно согорување, познат како „Ото мотор“, кој овозможи развој на автомобилите. 1905.- Кај Преторија во Јужна Африка откриен бил "Калинан", најголемиот дијамант во светот, со вредност од 3.106 карати. 1918.- Роден е романскиот диктатор Николае Чаушеску, кој ја презел власта во 1965 година, станувајќи генерален секретар на владејачката Комунистичка партија на Романија. Во 1967 година станал претседател на Државниот совет, а во 1975 година и претседател на Романија кога набрзо изградил силен култ на личност, потпирајќи се исклучиво на политичката полиција. По декемвриската побуна на граѓаните во 1989 година, на која набрзо и се придружила војската, бил тргнат од власта и на 25 декември по тајното судење, бил стрелан заедно со сопругата Елена. 1925.- Роден е американскиот филмски актер и режисер Пол Њумен, кој се истакнал со психолошки изнијансирани интерпретации на ликови со силни индивидуални своиства. Филмови: „Долго топло лето“, „Слатка приказна за младоста“, „Насилство“, „Судија за бесење“, „Бафало Бил и Индијанците“, „Боја на парите“ (Оскар), режија - „Рејчел, Рејчел“. 1942.- САД ги упатиле првите сили во Европа во која во тоа време војната се водела само на Источниот фронт и на подрачјето на Југославија. Трупите биле стационирани во Северна Ирска. 1946.- Bо Скопје излегла од печат првата Македонска граматика од професорот Круме Кепески. 1947.- Во авионска несреќа во Данска загинал шведскиот престолонаследник Густав Адолф, оставајќи пет деца, вклучувајќи го и сегашниот крал на Шведска Карл Шеснаесетти Густав. 1950.- Индија формално бил прогласена за Република во рамките на Британскиот комонвелт. 1952.- Во Каиро избиле големи демонстрации против британското присуство во Египет. Демонстрациите се претвориле во нереди, при што изгорел и познатиот хотел „Шепердс“. 1956.- Во Скопје умрел Лазар Танев, прв претседател на Градското собрание на слободното Скопје. Роден бил во Скопје, во 1884 година. 1965.- Хинду станал официјалниот јазик во Индија, што предизвика немири на југот од земјата каде тој помалку се користел. Поради тоа владата на Индија во февруари 1965 година одлучила во официјална употреба да влезе и англискиот јазик. 1972.- Над Чехословачка, по експлозија од подметната бомба, паднал авион на ЈАТ „ДЦ-9“ кој летал на линијата Копенхаген - Белград. Во несреќата загинале 26 патници и членовите на екипажот, а падот од речиси 10.000 метри го преживеала единствено стјуардесата Весна Вуловиќ. 1973.- Умрел американскиот филмски актер од романско потекло Едвард Робинсон, кој се прославил со улогите на гангстер во криминалистички филмови, но и како сјаен комичар. Филмови: „Малиот Цезар“, „Кид Калабед“, „Неочекуваниот д-р Глитербауз“, „Целиот град раскажува“, „Двојна отштета“, „Жена на прозорецот“, „Рт Ларго“, „Насилство“, „Зелено сонце“. 1993.- Вацлав Хавел е избран за прв претседател на Чешка. 1994.- Романија станала прва поранешна членка на Варшавскиот пакт која со НАТО-пактот го потпишала документот "Партнерство за мир". 1994.- Во Рим, Република Македонија била примена за полноправен член на Меѓународната банка за финансирање на развојот на земјоделството (ИФАД). 1994.- Умрел Ацо Филип, македонски писател. Роден бил во Ресен во 1922 година. Од перото на овој автор се излезени книгите: „Монографија за поетот Мите Богоевски“, романот „Разговор со портретите“, објавен на албански јазик, збирката раскази „Долгото умирање на пеликанот“, романите „Терорист“, „Молитва на Свети Климент“, „Домашни кажувања“ (раскази) и романот „Бољко“, објавен непосредно по неговата смрт. Автор бил и на неколку сценарија за документарни филови. 1996.- Починал Јосиф Александрович Бродски, руски поет и есеист, добитник на Нобеловата награда за литература во 1987 година, венцоносец на Струшките вечери на поезијата. Се смета за еден од најголемите поети на дваесеттиот век. Интересна карактеристика на Бродски е тоа што, и покрај големото познавање на англискиот јазик, поезијата ја пишувал на руски. Сепак, последните години од неговиот живот, неговото прозно творештво се печатело на англиски. На македонски јазик се објавени „Избрани песни“, по повод добивањето на Златниот венец на СВП. 2000.- По повеќе од една година, поради тоа што ДНК-тестот покажал дека можноста некогашниот претседател на САД Томас Џеферсон да има син со неговата црна робинка Сели Хемингс, Џеферсоновата фондација тоа го признала, но признала и дека тој би можел да биде таткото и на сите шест нејзини деца. 2000.- Во Скопје умрела Рахилка Фирфова Ѓоргова - Раца, „магичната муза“ на Кочо Солев. Македонскиот поет Кочо Солев на 6 октомври 1928 година како псевдоним го зел нејзиното име и станал познат како Рацин. Родена била во Велес, во 1911 година. 2001.- Земјотресот во западната индиска држава Гуџарат усмртил најмалку 18.000 луѓе. 2003.- Американската тенисерка од чешко потекло Мартина Навратилова (46) заедно со индискиот тенисер Леандер Паес ја освоила тутулата на Отвореното првенство на Австралија во конкуренција не мешани парови, станувајќи најстара тенисерка која освоила грен-слем на еден турнир. 2016.- На 53-годишна возраст починал Колин Вернкомб, британски музичар, познат како Блек (Balck), автор на големиот хит од 1980-те „Wonderful Life. Меланхоличната нумера „Wonderful Life“ од 1986 година била голем хит ширум светот, а особено во Европа. Истоимениот албум е продаден во неколку милиони примероци. Втор голем хит од истата плоча ила песната „Everything's Coming Up Roses“. 2018.- Во Скопје почина Љупка Апостолова, доајен на македонското спикерство и интерпретатор на забавната музика во МРТ. Со нејзиниот впечатлив глас се препознаваа вестите и информациите што над три децении се емитуваа пред се преку брановите на Македонското радио и првите кадри на телевизијата. Апостолова припаѓа на генерацијата на најдобри и највпечатливи спикери, со препознатлива точност за пишаниот и говорен македонски збор. И самата обучуваше плејада на спикери и новинари. Љупка Апостолава е меѓу првите интерпретатори на македонските шлагери и евергрини кои ги пееше во живо со оркестрите на РТВ и што се дел од ризницата на естрадата, чии почетоци беа кон почетокот на шеесеттите. ###

Остани поврзан