• среда, 25 декември 2024

На брегот на Нов Зеланд пронајден угинат кит од најреткиот вид

На брегот на Нов Зеланд пронајден угинат кит од најреткиот вид

Велингтон, 15 јyли 2024 (МИА) - Угината единка од редок вид китови е пронајдена на брегот на плажа во Нов Зеланд, соопшти во понеделникот тамошниот Оддел за конзервација.

Најверојатно се работи за рамнозаб кит (Mesoplodon traversii). Тие се толку ретки што од 19. век, на науката ѝ се познати само шест примери, според властите. Генетските примероци од угинатиот кит се испратени на анализа, но може да минат неколку недели или месеци за да се обработи ДНК-та и да се потврди видот на китот. 

Китот долг пет метри, бил пронајден на 4 јули на плажа во близина на Данедин на Јужниот Остров, соопшти менаџерот за операции на Одделот за таа област, Гејб Дејвис.

- Рамнозабите китови се еден од најнеистражените големи видови цицачи на совремието. Од научна и конзерваторска гледна точка, ова е огромно! Ваков свеж пример ја понуди првата можност досега за сецирање на рамнозаб кит, изјави Дејвис.

Консултирани се и мештаните Маори - за тоа што да се прави со китот?

- Важно е да се обезбеди соодветна почит кон ова „таока“ (богатство), којашто се покажува преку заедничкото патешествие на учење, со примена на знаењето на Маорите, додека откриваме повеќе за овој редок вид, изјави Надија Весли-Смит, претставничка на домородната заедница.

Китот засега се чува во ладилник, до одлуката за следните чекори, соопштија властите.  си/

Фото: ЕПА

Остани поврзан