• среда, 27 ноември 2024

Најмалку 68 луѓе го загубија животот во поплавите во западен Авганистан

Најмалку 68 луѓе го загубија животот во поплавите во западен Авганистан

Исламабад, 18 мај 2024 (МИА) - Најмалку 68 луѓе го загубија животот во поплавите што ги зафатија планинските области во западен Авганистан по невообичаено обилните сезонски дождови, соопштија денеска властите.

Во најтешко погодената провинција Гор на западот од земјата 50 луѓе го загубија животот и имаше голема материјална штета, а уништени се илјадници хектари обработливо земјиште, објави портпаролот на гувернерот на провинцијата.

Во северната провинција Фаријаб беше соопштено дека животот го загубиле 18 лица, двајца се повредени, имало и значителна материјална штета и се удавиле над 300 говеда.

Главниот портпарол на талибанската влада изрази жалење за „загубата на сограѓаните Авганистанци“ и ги повика „одговорните власти... да ја дадат сета потребна поддршка за ублажување на страдањата“, а „добронамерните донатори“ и хуманитарни организации да помогнат.

Светската програма за храна на ОН на социјалната мрежа Икс објави дека провинцијата Гор во која има 2.500 семејства е најтешко погодена. Тимовите на Светската програма за храна на ОН се на терен за да распоредат помош, се додава во соопштението.

Минатата недела организацијата соопшти дека екстремно во обилните дождови во Авганистан животот го загубиле повеќе од 300 луѓе и се уништени илјадници куќи, главно во северната провинција Баглан.

Преживеаните останаа без куќи, земја и извори на егзистенција. Поголемиот дел од Баглан е „недостапен за камиони“, соопшти Светската програма за храна на ОН, додавајќи дека прибегнува кон секоја алтернатива за да им достави храна на преживеаните

Последната катастрофа следи по разорните поројни поплави во април во кои животот го загубија најмалку 70 луѓе. Во поплавите биле уништени и околу 2.000 куќи, три џамии и четири училишта во западните провинции Фарах и Херат и јужните провинции Забул и Кандахар. рп/

Фото: Икс

Остани поврзан