• вторник, 24 декември 2024

Најмалку 65 загинати во бура на северот на Филипините

Најмалку 65 загинати во бура на северот на Филипините

Манила, 25 октомври 2024 (МИА) - Најмалку 65 лица загинаа во свлечишта и поплави откако тропската бура „Трами“ денеска го погоди северозападниот дел на Филипините.

Властите побараа дополнителни спасувачки чамци за евакуација на илјадници лица кои останаа заробени.

Метеоролозите предупредуваат дека бурата можеби сѐ уште не е завршена. Според нив, „Трами“, која е единаесеттата и најсмртоносната бура годинава на Филипините, следната недела би можела да направи „обратен свиок“ поради ветровите во Јужното Кинеско Море.

Регионалниот полициски шеф на Филипините информира дека 33 лица загинале во свлечишта предизвикани од бурата во провинцијата Батангас, јужно од Манила, со што бројот на загинати достигна најмалку 65.

Уште 11 лица се водат за исчезнати во Батангас, изјави полковник Хасинто Малинао. 

Според денешните податоци, придружните ветрови достигнале брзина до 95 км/ч со налети до 115 км/ч. Бурата се движи кон северозапад со брзина од 30 км/ч кон Виетнам, кој би можел да биде погоден в недела ако бурата го задржи курсот.

Филипинската метеоролошка агенција соопшти дека висок притисок и други метеоролошки фактори во Јужното Кинеско Море би можеле да ја вратат бурата на Филипините.

Претседателот Фердинанд Маркос се информираше за оваа можност на итна седница со членовите на кабинетот и службите за управување со катастрофи, барајќи повеќе информации за прогнозата. Државен метеоролог одговори дека „Трами“ би можела да се врати во почетокот на следната недела, но веројатно ќе ги избегне Филипините, без да дојде на копно.

Според податоците на службите за справување со катастрофи, повеќе од 2,6 милиони луѓе се погодени од стихиското невреме, а околу 320.000 се евакуирани во центри или кај роднини.

Владата затвори училишта и институции за да ги заштити милионите жители на најголемиот северен остров Лузон. Прекинат е и фериботскиот превоз меѓу островите. ссм/

фото: ЕПА

Остани поврзан