• среда, 25 декември 2024

Најмалку 62 жртви во вчерашниот израелски напад на источен Либан

Најмалку 62 жртви во вчерашниот израелски напад на источен Либан

Бејрут, 29 октомври 2024 (МИА) - Најмалку 62 лица загинаа, а повеќе од 200 се ранети во вчерашниот израелски воздушен напад врз долината Бека во источен Либан, пренесе водечкиот либански весник Ан-Нахар.

Според извештајот, во бомбардирањето има голем број цивилни жртви, вклучувајќи жени и деца. Локални жители и градоначалникот на градот Балбек потврдуваат дека нападот предизвикал големи човечки загуби и разурнувања во неколку населени места, вклучувајќи ги Халанија, Будаи, Хфир, Џунин, Рам и Алак.

Интензивните напади траеја околу пет часа и започнаа вчера рано изутрина.

Либанското Министерство за здравство соопшти дека бројот на жртвите од почетокот на израелските напади на 8 октомври минатата година достигнал 2.672 цивили, а ранети се 12.468 луѓе.

Судирот меѓу Израел и Хезболах ескалираше откако Хезболах почна да лансира ракети кон северните делови на Израел како поддршка на палестинскиот народ во Појасот Газа, а Израел одговори со копнена офанзива и силни воздушни напади. ссм/

фото: ЕПА

Остани поврзан