Најмалку 59 загинати, а 15 се водат за исчезнати од циклонот Гезани на Мадагаскар
- Поради циклонот, раселени се 16.428 лица, а 423.986 ги почувствувале последиците од природната катастрофа на островот.
Антананариво, 16 февруари 2026 (МИА) - Најмалку 59 лица загинаа минатата недела од циклонот Гезани на Мадагаскар, а 15 сè уште се водат за исчезнати, објави денеска Канцеларијата за управување со катастрофите.
Во соопштението на Канцерларијата се наведува дека 804 лица се повредени во циклонот, пренесоа британските медиуми.
Поради циклонот, раселени се 16.428 лица, додека 423.986 ги почувствувале последиците од природната катастрофа на островот.
Циклонот Гезани го погоди Мадагаскар само 10 дена откога тропскиот циклон Фитија уби 14 лица и расели повеќе од 31.000, според хуманитарната канцеларија на Обединетите нации.
Гезани имаше брзина од 185 километри на час, со налети на ветер до речиси 270 километри на час.
Се очекува циклонот Гезани денеска повторно да го погоди југозападен Мадагаскар и ќе има брзина од речиси 65 километри на час, но без обилни врнежи од дожд, објави метеоролошката служба.сд/рп/
Фото:Принтскрин ЈуТјуб