• недела, 24 ноември 2024

Најмалку 39 лица убиени во судирите меѓу Ерменија и Азербејџан

Најмалку 39 лица убиени во судирите меѓу Ерменија и Азербејџан
Баку, 28 септември 2020 (МИА) - Најмалку 39 лица се убиени во судирите во регионот Нагорно Карабах, соопштија денеска властите во областа, која со децении ја оспоруваа Ерменија и Азербејџан. Ова се најтешките конфликти во последните неколку години. Според новиот биланс, во конфликтот загинаа 32 војници, петмина азербејџански цивили и двајца ерменски цивили. Азербејџан не објави број на жртви. Како што пренесуваат странските агенции, не е познато што ја предизвика ескалацијата на конфликтот кој тлееше од јули. Самопрогласената република Нагорно-Карабах, дел од Азербејџан, бара целосна независност во што има поддршка од Ерменија, додека Баку се согласува само да додели културна автономија. Во војната меѓу Азербејџан и ерменските сепаратисти во Нагорно Карабах, која траеше од февруари 1988 година до мај 1994 година, загинаа повеќе од 20 000 луѓе. Регионот е меѓународно признат како дел од Азербејџан, но е под контрола на етничките Ерменци. Кога се одвои во почетокот на 90-тите, десетици илјади загинаа во борбите. Азербејџанскиот претседател Илхам Алиев вчера изјави дека е убеден дека ќе ја врати контролата над регионот. Воената состојба е прогласена во некои делови на Азербејџан, како и во Ерменија и Нагорно Карабах. Конфликтот на планините на Кавказ остана нерешен повеќе од три децении, со периодични ескалации на борбите. Најмалку 16 лица беа убиени во граничните судири во јули, по што избија најголемите демонстрации во азербејџанскиот главен град Баку оваа година, на кои се повикуваше на враќање на регионот. Азербејџан денеска прогласи делумна воена мобилизација, по судирите со ерменските сили над провинцијата Нагорно Карабах. Азербејџанскиот претседател Алиев потпиша указ за мобилизација, втор ден од конфликтот во кој, како што објавија двете страни, има мртви. паг/  

Остани поврзан