• вторник, 17 март 2026

Најмалку 23 лица убиени во самоубиствени напади во Нигерија

Најмалку 23 лица убиени во самоубиствени напади во Нигерија

Маидугури, 17 март 2026 (МИА) – Најмалку 23 лица се убиени, а 108 се повредени во повеќекратни напади на бомбаши самоубијци во Маидугури, главниот град на нигериската североисточна држава Борно, која е погодена од бунтови, соопшти командата на државната полиција.

Борно е во центарот на нигерискиот исламистички бунт во последните 17 години, кој однесе илјадници животи и расели два милиони луѓе. Првата експлозија се случила во поштата во центарот на градот, а веднаш по неа уследила уште една на популарниот пазар во близина, изјавиле два безбедносни извори и тројца жители на Маидугури.

Една експлозија ја потресе универзитетската болница во Маидугури, а друга источниот кварт Калери, сите во раните вечерни часови вчера.

„Прелиминарната истрага откри дека инцидентите биле извршени од осомничени бомбаши самоубијци“, соопшти државната полиција во изјавата, не наведувајќи кој е одговорен.

Полицијата објави дека редот е повторно воспоставен и оти безбедносните сили ги засилиле патролите низ градот за да спречат понатамошни напади, додавајќи дека истрагата за околностите на нападот е во тек.

Безбедносните аналитичари рекоа дека нападите ги имаат обележјата на бунтовничката група Боко Харам, која заедно со Исламската држава ги ескалира нападите врз нигериската војска во Борно.

Маидугури е меѓу најбезбедните градови во државата Борно, но најмалку пет верници беа убиени, а 35 повредени на Бадник минатата година кога осомничен бомбаш самоубиец активираше експлозив во џамија.

Освен бунтот на североистокот, џихадистите се шират и во северозападниот дел на земјата, каде банди предизвикуваат хаос со киднапирања и напади врз заедници и училишта.

Соединетите Држави во декември извршија воздушни напади на северозападот на Нигерија и почнаа да распоредуваат мал број војници за обука на нигериските сили кои се соочуваат со милитантите. јт/сд/

Фото: ЕПА архива

Остани поврзан