Најмалку 20 Палестинци загинаа во денешните израелски напади врз Газа
- Најмалку 20 Палестинци загинаа во денешните израелски воздушни напади врз Газа, соопштија медицински лица додека бомбардирањето продолжува а издадени се и наредби за жителите да се евакуираат од борбените зони.

Газа, 19 март 2025 (МИА) – Најмалку 20 Палестинци загинаа во денешните израелски воздушни напади врз Газа, соопштија медицински лица додека бомбардирањето продолжува а издадени се и наредби за жителите да се евакуираат од борбените зони.
Еден странски државјанин загина, а четворица други се ранети во израелски воздушен напад врз седиштето на Обединетите нации во центарот на Газа извршен денеска, соопшти Министерството за здравство на Газа.
Израелската војска во соопштението негираше дека цел била базата на ОН во Деир ал Балах, објаснувајќи дека тие погодиле локација на Хамас во северниот дел на Газа каде што откриле подготовки за пукање на израелска територија.
Во вчерашните израелските воени напади загинаа најмалку 436 Палестинци, од кои 183 деца, соопшти палестинското Министерство за здравство, што е една од најголемите бројки на загинати за еден ден од почетокот на конфликтот, со што заврши неколкунеделниот релативен мир од прекинот на огнот во јануари.
Израел и Хамас меѓусебно се обвинуваат за прекршување на примирјето, што беше краток одмор за 2,3 милиони жители на Газа по 17 месеци војна што ја претвори енклавата во урнатини и го принуди најголемиот дел од населението на повеќекратно раселување.
Израел го обвини Хамас дека ги користи палестинските цивили како жив штит. Хамас, сепак, ги негира наводите и го обвинува Израел за неселективно бомбардирање.
Израелската армија денеска фрли летоци во северниот и јужниот дел на Појасот Газа, наредувајќи им на жителите да се евакуираат бидејќи се наоѓаат во „опасни борбени зони“.
- Останувањето во засолништа или вашиот сегашен шатор ги доведува во опасност вашите животи и животите на членовите на вашето семејство, веднаш евакуирајте се, пишувало на леток пуштен на Беит Ханун.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вчера изјави дека наредил напади бидејќи Хамас ги отфрлил предлозите за продолжување на прекинот на огнот до април.
Хамас, кој сè уште држи 59 од околу 250 заложници, го обвинува Израел дека ги поткопува напорите на посредниците да преговараат за траен договор за прекин на борбите.
Израел ја блокира целата хуманитарна помош и снабдувањето со електрична енергија за жителите на Газа, вклучувајќи храна и гориво, велејќи дека сака да изврши притисок врз Хамас.
Високата претставничка на Европската унија за надворешна политика Каја Калас денеска изјави дека му рекла на израелскиот министер за надворешни работи Гидеон Сар дека ситуацијата во Газа е „неприфатлива“.
На средбата со францускиот претседател Емануел Макрон во Париз, јорданскиот крал Абдула повика на повторно воспоставување на прекин на огнот и продолжување на протокот на помош.
- Постојаните напади на Израел врз Газа се исклучително опасен чекор што дополнително ја уништува и онака лошата хуманитарна ситуација, рече тој. јт/
Фото: ЕПА