• недела, 17 ноември 2024

Најмалку 18 мигранти загинаа во автобуска несреќа во Мексико

Најмалку 18 мигранти загинаа во автобуска несреќа во Мексико

Мексико Сити, 6 октомври 2023 (МИА) – Најмалку 18 мигранти, главно од Венецуела и Хаити, загинаа денеска во автобуска несреќа во јужниот дел на Мексико, соопштија локалните власти.

Обвинителите во јужната мексиканска држава Оахака соопштија дека меѓу загинатите има две жени и три деца, а 27 лица се повредени.

На снимката на полицијата во Оахака се гледа како автобусот се превртел на страна на закривен дел од автопатот. Причината за несреќата е под истрага. Државната полиција соопшти дека во автобусот имало вкупно 55 мигранти, главно од Венецуела.

Ова е последна во серијата несреќи со мигранти во Мексико, каде што е зголемен бројот на мигранти кои патуваат кон границата со САД. Со оглед на тоа што агентите за мигранти обично вршат рација во редовни автобуси, мигрантите и шверцерите често бараат ризични форми на транспорт, како што се нерегулирани автобуси, возови или камиони.

Минатата недела 10 кубански мигранти загинаа, а 17 тешко беа повредени кога камионот во кој се наоѓаа имаше судар на автопат во соседната мексиканска држава Чиапас, во близина на границата со Гватемала.

Мексиканските власти обично им забрануваат на мигрантите без документи да купуваат билети за редовните автобуси, така што оние кои немаат пари да им платат на шверцерите често користат лошо одржувани автобуси, со небезбедни возачи кои возат брзо за да не бидат запрени. Или одат по автопат и ги стопираат камионите кои поминуваат. јт/

Фото: Полиција на Оахака на Х

 

Остани поврзан