• среда, 25 декември 2024

Најмалку 10 полицајци повредени на пропалестински протести во Берлин

Најмалку 10 полицајци повредени на пропалестински протести во Берлин

Берлин, 19 август 2024 (МИА) - Најмалку 10 полицајци се повредени за време на вчерашните пропалестински протести во Берлин, соопштија локалните власти, пренесува ДПА.

За време на вчерашните протести во централниот кварт „Кројцберг“ кон полицајците беа фрлани камења, јајца и пластични шишиња.

Еден од учесниците беше повреден откако беше удрен во врат од камен, а еден учесник на контра-протест исто така беше удрен во глава и повреден.

Полицијата соопшти дека 250 луѓе се собрале на плоштадот „Морицплац“ пред да тргнат во марш кој прераснал во протест со околу 1000 учесници.

Пред почетокот на маршот, демонстрантите биле информирани дека ќе бидат забранети сите скандирања кои пропагираат „уништување на Израел и/или неговите жители“ или промовираат „забранети организации“, вклучително и палестинската исламистичка група Хамас.

На терен беа распоредени околу 400 полицајци, кои повеќепати интервенирале. Полицијата размислувала да го прекине протестот поради скандирање на забранети слогани, но протестот на крај бил прекинат од организаторите.

По митингот, полицијата започнала 31 кривична истрага за различни прекршоци, вклучувајќи тешка телесна повреда, напад на службено лице, сериозно нарушување на јавниот ред и поттикнување омраза. Се пријавува и дека полицајци биле сведоци на малтретирање на медиумски тимови. ссм/

фото: принтскрин

Остани поврзан