• недела, 01 септември 2024

Најмалку 10 лица се уапсени за насилните протести во Сандерленд

Најмалку 10 лица се уапсени за насилните протести во Сандерленд

Лондон, 3 август 2024 (МИА) - Најмалку 10 лица се уапсени во врска со немирите во англискиот град Сандерленд, во кои синоќа беа повредени четворица полицајци за време на протестите поради убиството на трите деца во студио за танц во Саутпорт, во понеделникот, соопшти полицијата.

Во соопштението на полицијата се наведува дека сите инволвирани во насилство врз полицајците ќе бидат казнети согласно законот. Гардијан пренесува дека во тек е идентификацијата на учесниците во нередите врз основа на снимките од надзорните камери.

Во Манчестер во исто време избувнаа судири меѓу приврзаници на екстремната десница кои одржаа протест и антирасистичките активисти кои ги нападнаа десничарите. Полицијата во овој град издаде наредба за растурање на двата протеста.

Полицијата и антирасистичките активисти најавија дека викендов е можно да се одржат меѓу 25 и 35 собири.

По убиството на трите деца во Саутпорт низ Англија се шират протести.

Полицијата за нападот уапси 17-годишно момче, чии родители се од Руанда, што предизвика расни мотивирани протести.

Британската пратеничка и кандидатка за претседател на Конзервативната партија Прити Пател денеска изјави дека насилните протести во Сандерленд се целосно неприфатливи. Таа на платформата Х истакна дека владата и парламентот сега мора да ги искористат сите свои овластувања за да го вратат редот и мирот.сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан