• четврток, 05 март 2026

Најмалку четворица мртви во израелски напад врз зграда во либанскиот град Баалбак

Најмалку четворица мртви во израелски напад врз зграда во либанскиот град Баалбак

Бејрут, 4 март 2026 (МИА) - Најмалку четири лица се убиени, шест се ранети во израелски напад врз четирикатна зграда во источниот либански град Баалбек, а спасувачките екипи работат на извлекување на семејствата под урнатините, објави денеска либанската државна агенција ННА.

Нападот е дел од острата ескалација на борбите по либанско-израелската граница откога Хезболах лансира дронови и ракети кон Израел.

Оттогаш групата поврзана од Иран продолжи да лансира ракети, а Израел изврши бран воздушни напади на Либан и испрати војници на југ.

Шиитскиот Хезболах, кој беше основан од Иранската револуционерна гарда во 1982 година, отвори оган врз Израел за да се одмазди за атентатот врз иранскиот врховен лидер во заедничките напади на Израел и САД.

Хезболах денеска соопшти дека неговите борци лансирале голем број ракети кон окупираните израелски сили во близина на пограничниот град Метуле како одговор на израелските напади врз десетици либански градови вклучувајќи ги и јужните предградија на Бејрут.

Израелска војска денеска ги предупреди жителите на 16 села во Либан да се евакуираат велејќи дека активностите на Хезболах ги принудуваат да реагираат и предупредувајќи дека секој што ќе се најде во близина на борци, предмети или оружје на Хезболах, ќе го стави својот живот во опасност.

ННА исто така соопшти за неколку денешни израелски напади, вклучувајќи еден врз хотел и друг во резиденција во источен Либан.

Либанското Министерство за здравство вчера објави дека најмалку 50 лица се убиени, а 335 се ранети во израелските напади од почетокот на последната ескалација.сд/јт/

Фото:ЕПА

Остани поврзан