• четврток, 12 февруари 2026

Најлош резултат на Србија во изминатите две децении во Индексот на перцепција на корупција на ТИ

Најлош резултат на Србија во изминатите две децении во Индексот на перцепција на корупција на ТИ

Белград, 10 февруари 2026 (МИА) - Србија се најде на 116-то место, од 182 земји и територии во светот, според Индексот за перцепција на корупцијата (CPI) за 2025 година,  и тоа е нејзин најлош ранг во изминатите две децении, осоопшти денеска Транспарентност Србија.

На овогодишната листа на глобалната организација „Транспарентност Интернешнл“, на скала од нула (екстремно корумпирана) до 100 (многу „чиста“), Србија постигна резултат од 33, што е за два поени пониско од лани, а воедно и најлошо рангирање од 2004 година.

Рејтингот на Србија е девет поени под глобалниот просек и 29 поени под просекот на Европската Унија.

Според Транспарентност Србија, позицијата на Србија е за 45 места полоша од најдобрата позиција забележана пред 10 години, а за првпат е оценета како најлоша меѓу земјите од регионот.

За првпат, Србија е зад Босна и Херцеговина (34), а во Европа само Белорусија (31), Турција (31) и Русија (22) се зад неа.

На врвот на глобалната листа се Данска (89) и Финска (88), а на дното се Сомалија (9) и Јужен Судан (9).

Како илустрација за Србија се наведуваат случувања околу Обвинителството за организиран криминал: „По истрагата за наводната злоупотреба на членови на владата, Обвинителството за организиран криминал во Србија се соочува со зголемен притисок, вклучувајќи владини кампањи
за клевета, попречување на полициската соработка и ослабување на законските измени што ја ослабуваат неговата способност да истражува организиран криминал и корупција на високо ниво“.

Регионалниот извештај, исто така, укажува на нетранспарентно донесување одлуки во врска со јавни и приватни инвестиции, а како еден од примерите  се наведува случајот „Генералштаб“, каде што Владата на Србија, без примена на конкурентни процедури, потпиша таен договор со странски инвеститор и нелегално ја откажа заштитата на културните споменици, за да може на тоа место да се изгради луксузен хотел. 

Во регионалното соопштение на ТИ се наведува дека слабите институции и падот на демократијата го фаворизираат и ограничуваат просторот за корупција за работа на граѓанското општество.

Според ТИ, во неколку земји од Западен Балкан, недоволното дејствување на судството е една од главните пречки за успешна борба против корупцијата, додека покрај тоа, судиите и обвинителите стануваат цел на напади од други гранки на власта. зш/јт/

 

Остани поврзан