• среда, 25 декември 2024

Најдовски: Со јасна визија и силна волја општина Демир Хисар се движи кон поголеми успеси

Најдовски: Со јасна визија и силна волја општина Демир Хисар се движи кон поголеми успеси

Скопје, 24 декември 2024

Денес стојам пред вас со голема чест и одговорност да го презентирам отчетот за тригодишното работење на локалната самоуправа на Општина Демир Хисар.

Овој период беше исполнет со многу предизвици, но и со значајни успеси кои се резултат на посветената работа, транспарентното управување и најважно од се, довербата што Вие, граѓаните ни ја дадовте.

Во изминативе 3 години нашата главна цел беше јасна, - да создадеме подобри услови за живот, да ја модернизираме општината и да одговориме на реалните потреби на секој наш жител.

Инвестиравме во патната и комунална инфраструктура, образованието, културата, социјалната грижа, енергетската ефикасност, спортот и младите и во зајакнување на институциите. Со заеденички напори успеавме да реализираме значајни проекти кои оставија трајни придобивки за сегашните и идни генерации.

Во изминативе 3 години, само во патната инфраструктура, општина Демир Хисар инвестираше рекордни 1 милион евра, со што се изврши изградба и реконструкција на улици и локални патишта со вкупна должина од 9 км. Се реконструираше ул. Гоце Делчев, ул. 11ти октомври, дел од ул. Партизанска и ул. Веле Марков во Демир Хисар. Се реконструираа три улици во Сопотница со вкупна должина од 2 км, 7 улици со вкупна должина од 900 метри во населените места Суводол и Кутретино, а се изградија 2 улици и локален пат до манастрот св Константин и Елена во населено место Вардино. Во изминатиот период општината изврши реконструкција и изградба на улици и во населените места Слепче, Прибилци и Света со што значително се подобрија условите и квалитетот на живот на нашите сограѓани. Се изгради нов локален пат до манастирот св Том во Граиште, со должина од 2км во вредност од 12 милиони денари, а се изврши и реконструкција на локалниот пат до село Слоештица со должина од 2,3 км и вредност 12,4 милиони денари.

Од поголемите капитални инвестиции ќе ја споменам и изградбата на нова фекална канализација во вредност од 10,5 милиони денари во н.м Белче, која, после добивањето на соодветните дозволи од надлежните институции ќе биде ставена во функција. Исто така се изградија три краци од канализационата мрежа во Демир Хисар со што веќе нема објект кој не е приклучен во канализациониот систем во градот.

На последниот повик за финансирање на инфраструктурни проекти, објавен од министерството за локална самоуправа, Општина Демир Хисар аплицираше со 4 проекти и тоа, реконструкција на две улици во н.м. Белче, реконструкција на улица во Единаковци и изградба на спортски комплекс со терени за баскет и тенис во Демир Хисар. Вкупната вредност на овие проекти, за кои е во тек и јавната набавка за избор на изведувачи е 22 милиони денари. Општината има изготвено нови 15тина проекти за аплицирање и на следниот повик во месец февруари, кога по утврдената методологија кон општина Демир Хисар, од централниот буџет ќе бидат трансферирани 60 милиони денари.

 Во делот на патната и комунална инфраструктура, ќе споменам уште три капитални проекти за кои општината има потпишано договори и обезбедени финансиски средства, и тоа, со министерството за животна средина, за реконструкција на водоводниот систем во населено место Слепче во висина од 18,7 милиони денари, со истото министерство потпишан е договор за изградба на канализациона мрежа со прочистителна станица во населеното место Вардино, со вкупна вредност од 33 милиони денари, а со министерството за транспорт и врски, за реконструкција на коловозот, изградба на тротоари и ново лед осветлување по целата должина на улица Маршал Тито и дел од улицата Велко Влахович во Демир Хисар со вкупна вредност од 15,5 милиони денари.

Во овој период, реализиравме и проекти кои значително ја зголемија  безбедноста на пешаците, а централното градското подрачје доби нов и урбан лик, со изградбата на тротоари од двете страна на улица 1ви Мај во Демир Хисар, со вкупна должина од 1,6 км и нова пешачка патека по улица Битолска во Демир Хисар со должина од 1 км. Вредноста на проектите е 14 милиони денари. Во тек е изградбата и на градски парк во Демир Хисар со што нашите сограѓани добиваат ново и модерно место за рекреација. Вредноста на проектот е 5.6 милиони денари.

Во изминатите 3 години, Општина Демир Хисар, изврши ревитализација на јавниот простор во централното градско подрачје со целосна реконструкција на платото пред домот на културата Илинден, а на 6 локации беа поставени нови детски забавни паркови.

Во делот на енергетската ефикасност се изврши поставување на 100 нови лед светилки со што значително се подобри осветлувањето на јавните површини и безбедноста на граѓаните а неколкукратно се намали потрошувачката на електрична енергија.

Во трите основни училишта на територија на Општина Демир Хисар беше извршена реконструкција и опремување  на повеќе училници и кабинети за практична настава, реконструирани се спортските сали, а беа заменети и старите  дотраени грејни тела со што нашите ученици добија соодветни услови за нормално следење на наставниот процес. После повеќе од 40 години се изврши реконструкција на сите занимални и спортската сала, а набавен е и нов дидактички материјал за нашите најмали сограѓани во детската градинка 2ри Септември. Реконструкција на повеќе помошни простории и санитарни јазли беше извршена и во домот на култура Илинден Демир Хисар.

По налог на градоначалникот, а во соработка со јавното комунално претпријатие, во континуитет во изминатиов период, се извршени голем број интервенции за чистење и одржување на патишта и улици, чистење на речни канали и диви депонии, реконструкции, изградба  и санации на водоводи и канализациони мрежи, извршена е набавка и поставување на водоводни пумпи и хлоринатори, со што општината обезбеди повеќе од 15 милиони денари.

За потребите на ТППЕ Демир Хисар, набавено е ново противпожарно возило во вредност од 8 милиони денари и противпожарна опрема за 7 пожарникари, а набавени се и 4 минибуси за превоз на ученици во јавното претпријатие ДЕХИ транс.

Во изминатиов период од 3 години, по основ субвенции, социјални трансфери и финансиска поддршка, општината исплати околу 5 милиони денари, со што секоја година еднократен паричен надоместок во висина од 5000 денари добиваат сите социјално загрозени семејства, а паричен надоместок  од 10000 денари се доделува на секое новороденче во нашата општина. Паричен надоместок добива и секое прваче запишано во основните училишта на територија на Општина Демир Хисар. Општината од својот буџет издвојува средства и за финансирање на здруженија на граѓани, невладини организации, месни заедници и верски одбори, што претставува основа за градење  меѓусебна соработка но и поттик за напредок.

Општина Демир Хисар издвојува повеќе од 1 милион денари за субвенционирање на спортските клубови ФК Демир Хисар и ФК Полет, а ги субвенционира и сите традиционални спортски манифестации. Со повеќе од 1 милион денари, исто така се дава поддршка на културните манифестации во нашиот град кои последните години сериозно го збогатија културниот живот.

На крај, почитувани сограѓани, искрено ќе  се заблагодарам за вашата поддршка, трпение и доверба. Заедно продолжуваме напред со јасна визија и силна волја за уште поголеми успеси. Ви благодарам.

 

Никола Најдовски, градоначалник на општина Демир Хисар 

Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ

________________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан