• среда, 25 декември 2024

Најголем проблем за вклучување на младите на пазарот на труд - неусогласеноста меѓу образовниот систем и потребите на работодавачите

Најголем проблем за вклучување на младите на пазарот на труд - неусогласеноста меѓу образовниот систем и потребите на работодавачите
Скопје, 5 јули 2022 (МИА) - Неусогласеност помеѓу образовниот систем и потребите на пазарот на работна сила се најголем проблем проблем за вклучување на младите на пазарот на трудот, беше посочено на денешната дебата „Што сакаат младите – Професиите на иднината бараат знаења и вештини денес“, во организација на ИДУЕП и Младинскиот сојуз. Учесниците на дебатата истакнаа дека младите и работодавачите како проблеми ги посочиле и флексибилното работно време, можност за работа од далечина - онлајн  работа, повисоки финансиски примања, можност за ориентираност кон резултати наспроти оние формални правила кои што се специфични за еден друг систем. Исто така, беше посочено дека во одредени професии има недостаток на кадри на пазарот на трудот, како што се ИТ секторот, пекари, заварувачи... Методија Стојчевски од Младински сојуз, кои го споцедуваат проектот „Што сакаат младите – Професиите на иднината бараат знаења и вештини денес“ истакна дека најголем проблем е тоа што недоволно се ценат секојдневните обични професии и на тие професии треба да им се врати дигнитетот како што се механичари, заварувачи, пекари, тоа што во моментот ги нема во државата. - Младите луѓе полесно се определуваат за некоја друга професија макар и помалку платена наспроти тие професии што се во моментот добро платени меѓутоа немаат таков општествен статус на некои влијателни позиции во општеството. Треба да се врати дигнитетот на тие мали професии. Бараат флексибилно работно време, услови за онлајн работа, повисоки финансиски примања, рече Стојчевски. Иван Ивановски, сопственик на ИТ компанија истакна дека има недостаток на квалификуван кадар, затоа што, како што рече, голем дел од програмерите заминуваат во странство и работат за странски компании. Посочи дека работникот во земјава се задржува со добро плата, со добра визија на компанијата, со добри услови, флексибилно работно време, приватен пензиски фонд, приватно здравствено осигурување, добивање нови уреди и опрема. Во ИТ секторот платите за јуниори се движат од 500-600 евра, а на сениори до пет илјади евра. Лука Павиќевиќ, претседател на Сојузот на средношколски, оцени дека образовниот систем е еден од најголемите проблеми за вклучување на младите на пазарот на труд. - Без разлика дали завршуваат само средно образование или факултет, македонскиот образовен систем не продуцира кадри со знаење и вештини потребни да се ставаат на работното место. Ова прави проблем за работодавачите кои треба да инвестираат во обука на кадарот и треба да ги учат, а веќе доаѓаат со некаква диплома што треба тоа да го гарантира и затоа е потребна реформа и на средното образование, меѓутоа и на факултетското образование. Во стручните училишта таму одат луѓето за да се остручаат за некаква професија и затоа треба поголема вклученост на пазарот на труд на работодавачите. Во новата концепција во која што учествуваше Сојузот, ова се промовира и во самата стручна матура, меѓутоа упатувам јавен апел да се работи на имплементација на истата, а не да биде само документ што се стои во фиока. Треба активно да работиме да ги вклучиме работодавачите во стручното образование за да можеме да им помогнеме и на нив да добијат идеја колку се стручни и оспособени нашите млади, но и да им помогнеме на младите полесно да најдат работно место преку таа пракса, рече Павиќевиќ. Денешната дебата беше првата од серијата јавни настани на тема „Што сакаат младите – Професиите на иднината бараат знаења и вештини денес“. Како што објасни Бојан Кордалов од ИДУЕП, целта на дебатата е на едно место да се обединат достоинствено младите, младинските организации, работодавачите, коморите но и самите компании. - Да се разговара како да успееме одливот на кадри особено на млади да го намалиме преку нудење на добри можности и опции на професиите кои што младите ги очекуваат. Од друга страна, имаме за цел и да покажеме дека многу е важно она што работодавачите го очекуваат од младите луѓе и на крајот да се направи одредена синергија која што ќе даде резултати. Серијата на настани која што ќе заврши годинава всушност ќе се однесува на тоа да ги вклучи и креаторите на јавни политики: функционерите, претставниците на институциите на централно и локално ниво како би можело да се согледа и нивниот дел, меѓутоа пред се да спроведат одредени активности кои што се многу важни, рече тој. Кордалов рече дека нивната цел е сите предлози од оваа дебата да се стават на хартија како конкретни предлози кои што ќе се испратат до креаторите на политики – јавните институции, кои треба да го согледаат тој процес на консултации и да направат конкретни промени.фф/лв/

Остани поврзан