• петок, 27 декември 2024

Најголем дел од домашниот буџет се троши на храна и пијалаци, најмалку на здравје, култура и образование

Најголем дел од домашниот буџет се троши на храна и пијалаци, најмалку на здравје, култура и образование
Скопје, 1 јануари 2022 (МИА) - Домаќинствата во 2020 година најмногу од домашниот буџет - 45 проценти трошеле на храна и пијалаци, од кои најмногу за месо, млечни и житни производи. Сепак, најмногу во домаќинствата се јадело леб - 268 кг и компир - 97,7 кг, додека свинско месо - 26,8 кг и говедско, телешко и јунешко - 26,2 кг. За сообраќај оделе 5,6 проценти, што е повеќе од тоа што домаќинствата трошеле за здравје, рекреација, култура и образование заедно, покажува Статистичкиот годишник на Република Северна Македонија за 2021 на Државниот завод за статистика. Домаќинствата во 2020 година најголем дел од домашниот буџет во просек трошеле на лична потрошувачка - 317.955 денари или 93 %, потоа за штедење - 13.876 денари или 4,1 %, па за отплата на кредити - 7.450 денари или 2,2 % и за загуби, подароци и слично - 1.246 денари или 0,4 %, за издатоци за стан, куќа и имот - 788 денари или 0,2 % и за членарина, даноци, царини и слично - 400 денари или 0,1 % од домашниот буџет. Во делот на личната потрошувачка, најмногу средства во просек домаќинствата трошеле на храна и безалкохолни пијалаци - 153.753 денари или 45 %, потоа за станарина и режиски трошоци - 39.235 денари или 11,5 %, останати стоки и услуги - 19.926 денари или 5,8 %, за сообраќај - 19.140 денари или 5,6 %, за покуќнина и одржување на домот - 17.977 денари или 5,3 %, за алкохолни пијалаци и тутун - 15.760 денари или 4,6 %, за облека и обувки - 14.658 денари или 4,3 %, за комуникации - 12.169 денари или 3,6 %, за здравје - 10.631 денар или 3,1 %, за ресторани и хотели - 9.750 денари или 2,9 %, за рекреација и култура - 4.150 денари или 1,2 % и за образование - 807 денари или 0,2 % од средствата за лична потрошувачка. Само за храна домаќинствата во 2020 година во просек трошиле 136.976 денари, од кои најмногу за месо - 31.745 денари, потоа за млеко, млечни производи и јајца - 27.335 денари, за производи од жито - 24.934 денари, за зеленчук - 20.103 денари, за овошје - 9.687 денари, за шеќер и чоколади - 6.925 денари, други прехранбени производи - 6.386 денари, за масло - 5.361 денар и за риба - 4.501 денар. Најмногу во домаќинствата се јадело леб - 268 кг, потоа компир - 97,7 кг и јужно овошје - 80 кг, додека од месо најмногу се јадело живина - 51,4 кг, потоа преработки од месо - 47,9 кг, па свинско - 26,8 кг и говедско, телешко и јунешко - 26,2 кг. Свежа и замрзната риба - 22,4 килограми, а преработки од риба - 2,8 кг. Од овошје, освен јужно овошје, најмногу се јаделе јаболка - 40,2 кг и бостан - 35.6 кг, а најмалку се јадело преработено овошје - 1,9 кг и круши - 2,6 кг. Од зеленчук, освен компир, најмногу се јаделе пипер - 58,2 кг и домати - 50,2 кг, а најмалку грашок и боранија - 2,3 кг. Кај млечните производи, домаќинствата најмногу пиеле млеко - 116,5 литри, потоа кисело млеко и јогурт - 83,9 кг, а сирења 43,5 кг и други млечни производи - 11,7 килограми. Од тутун и пијалаци, домаќинствата најмногу од домашниот буџет трошеле на тутун - 11.518 денари, потоа на други безалкохолни пијалаци - 6.000 денари, па за кафе, чај и какао по 4.873 денари и најмалку на алкохолни пијалаци - по 4.242 денари. Домаќинствата во просек испиле 225 литри безалкохолни пијалаци, додека од алкохол најмногу пиво - 41,7 литри, потоа вино - 5,9 литри и жестоки пијалаци - 2,5 литри. Од домашниот буџет повеќе пари се трошеле на облека - 8.534 денари, додека на обувки - 6.125 денари. Домаќинствата трошеле 29.703 денари на огрев и осветлување на домот, потоа за комунално-станбени услуги - 4.681 денар, за одржување и поправки на домот - 3.547 денари и за станарини - 147 денари. Околу домот и негово одржување, домаќинствата најмногу трошеле на производи и услуги за одржување - 9.318 денари, потоа за апарати за домаќинство и поправки - 3.149 денари, за мебел - 2.231 денар, за садови и прибор - 1.160 денари, за текстил за домаќинство - 1.093 денари и за алати за куќа и градина - 1.026 денари. Најмногу од домашниот буџет за здравје бил потрошен на лекови и помагала - 9.297 денари, додека на здравствени - 1.273 денари и на болнички услуги - 60 денари. Во делот на сообраќај, најмногу од домашниот буџет бил за делови и гориво за сообраќајни средства - 17.278 денари, додека 1.564 денари за сообраќајни услуги и 298 денари за сообраќајни средства. Од комуникациите, најмногу домаќинствата трошеле на телефонски услуги - 11.391 денар, потоа за телефони и факс-апарати - 772 денари, а најмалку за поштенски услуги - шест денари. Од делот за култура и рекреација, најмногу од домашниот буџет се трошел на аудиовизуелна и информатичка опрема - 1.528 денари, потоа 1.170 денари за опрема за градина, миленици и други средства за рекреација, додека за услуги за култура и рекреација - 988 денари, а за весници и книги - 451 денар. Од Државниот завод за статистика посочуваат дека податоците се добиени врз основа на статистичкото истражување „Анкета за потрошувачката на домаќинствата", спроведено во текот на 2020 година. Изборот на 5.040 домаќинства е извршен преку двоетапен стратифициран примерок, при што во првата етапа е извршен избор на пописни кругови од Пописот на населението во 2002 година, а во втората етапа е извршен избор на домаќинствата за анкетирање. Просечен број членови на анкетираните домаќинства е 3,65, додека во просек вработени биле 1,26 член. Во просек вкупно расположливите средства по анкетирано домаќинство во 2020 година изнесувале - 479.207 денари или 7.766 евра. Најмногу имале мешовитите домаќинства - 630.246 или 10.214 евра, потоа земјоделските - 483.741 или 7.840 евра, а најмалку неземјоделските 457.634 денари или 7.417 евра годишно. аа/ац/

Остани поврзан