• понеделник, 23 декември 2024

Највисокото признание „Вељо Манчевски“ доделено на Здружението „Бадникови поворки“

Највисокото признание „Вељо Манчевски“ доделено на  Здружението „Бадникови поворки“

Скопје, 23 декември 2023 (МИА) - Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи синоќа на одржаниот свечен предновогодишен прием во Македонска филхармонија им го врачи на Здружението „Бадникови поворки“ највисокото признание „Вељо Манчевски“ за особен придонес во создавањето на трајни вредности“, објавија на фејсбук од Здружението „Бадникови поворки“.

- Здружението Бадникови поворки веќе 14 години како народен, духовен и културен проект на граѓаните од православна вероисповед успеа во над 60 населени места ширум Републиката да ја возобнови древната традиција за Бадник да се пеат божиќни каланди, создавајќи празнична и топла атмосфера во радосното исчекување на Христовото Раѓање, со што се постигна највеличествено и највпечатливо прославување на Бадник во поширокиот регион. Благодарение на трудот на Здружението „Бадникови поворки“ кое во своите редови ги вклучи најреномираните македонски пејачи, групи, ансамбли, оркестри, актери, режисери, спортисти и креативци, се создаде трајна вредност на новото време. Ризницата на бадниковите поворки бележи повеќе успешни целовечерни концерти, обновени и извлечени од заборав, но и ново создадени божиќни песни, чија порака е визуелизирана и со моќни видео спотови, организирани се голем број на хуманитарни акции, работилници и допрено е до илјадници луѓе, пружена е рака до секој, за сите да сме заедно, а никој да не е осамен во најубавиот период на годината, напишаа од „Бадникови поворки“ на фејсбук.

Црпејќи го благословот од Македонската православна црква, како и поддршката од епархиите и значајниот поттик од Манастирот Св. Јован Крстител - Бигорски, како што било посочено на доделувањето синоќа од Комисијата, Бадниковите поворки секоја година храбро исчекоруваат во нови достигнувања кои оставаат длабока трага. 

- Неизмерно благодарни и радосни што ова признание ни пристигнува во момент на интензивни подготовки за овогодинешните Бадникови поворки, чувствуваме должност најсрдечно да им се заблагодариме на сите досегашни учесници, кои во било кој облик дале свој придонес кон Поворките на радоста кои благодарение на големата поддршка од народот, опстојуваат веќе 14 години. Уште еднаш испраќаме повик за учество до сите градови и населени места: на 6 јануари да излеземе на улиците во целата Република и радосно да го најавиме Рождеството Христово, објавија на фејсбук  „Бадникови поворки“. цр/

Фото:  фејсбук  „Бадникови поворки“

Остани поврзан