• четврток, 26 декември 2024

Најавено мерење на Амазон

Најавено мерење на Амазон

Бразилија, 27 јуни 2023 (МИА) - Дали најдолгата река во светот е Нил во Африка, или Амазон во Јужна Америка? Ова е една од најголемите загатки на науката веќе со години, поради што нова експедиција во јужноамериканската џунгла сега има намера да го најде конечниот одговор на ова прашање.

Имено, меѓународен тим истражувачи во април 2024 година, ќе го почнат мерењето со пловила што се движат на сончева енергија и со педали од изворот на Амазон во Перуанските Анди. Притоа ќе минат речиси 7.000 километри низ Колумбија и Бразил до вливот на реката во Атлантскиот Океан. Ќе се сними и документарен филм за научната експедиција.

- Главната цел е да се оцрта мапа на реката и да се документира биодиверзитетот на околните екосистеми. Веќе десетина луѓе патувале низ цела Амазон во минатото, но никој со такви намери, изјави координаторот на проектот, бразилскиот истражувач Јури Санада.

Тој заедно со сопругата Вера раководи со филмската продукциска компанија „Авентурас“.

Амазон, сместен во најголемата прашума во светот, долго време се смета за најголема река поради нејзиниот волумен, кој е поголем од Нил, Јангце и Мисисипи заедно. Тоа не е спорно. Сепак, спорот е околу тоа дали Нил е подолг? Коренот на дилемите е неможноста на научниците да утврдат - каде почнува и каде завршува Амазон?

Според Гинисовата книга на рекорди, најдолга река во светот е Нил.  си/ссм/

Фото: Википедија.

Остани поврзан