• четврток, 26 декември 2024

Прв фестивал за женско здравје „Јас сум...”

Прв фестивал за женско здравје „Јас сум...”

Скопје, 9 јуни 2024 (МИА) - Првиот фестивал за женско здравје “Јас сум…” ќе се одржи на денеска во Парк шума Гази Баба и тој е реализиран од Здружение на граѓани Младите можат.

-Примарна цел ни е да ги поттикнеме младите девојки и жени (на возраст од 15-29 години) да
преземат одговорност за нивното физичко и ментално здравје преку информиран избор и
холистички практики на начин на живот, велат организаторите.

Додаваат дека настанот ќе содржи партиципативни и интерактивни сесии дизајнирани да се осврнат на
различни аспекти на здравјето и зајакнувањето на жените. Агендата на настанот, велат, ќе понуди
низа содржини фокусирани и базирани на потребите на жените и девојките, а во насока на
подигнување на нивната свест.

-Во рамки на настанот имаме неколку зони преку кои сите посетители ќе можат да се информираат, да учествуваат на интерактивни работилници, да се забавуваат и вмрежуваат. Следните зони ќе бидат опфатени во рамки на настанот: зона за ментално здравје која ќе овозможи работилници за менаџирање на стрес и лутина, умствен лавиринт, работилници за арт терапија, водена медитација и фантазија, потоа зона за грижа за тело која ќе овозможи работилници за подготовка на домашна и
органска козметика за тело, бесплатни дерматолошки прегледи, работилница за
себељубов, како и зона за здрава исхрана која ќе овозможи работилници со нутриционисти и катче
со здрави оброци, информираат организаторите на фестивалот.

Тие додаваат дека во рамки на настанот ќе има и фитнес зона која ќе овозможи натпреварувачки полигон за вежбање, јога сесии во природа, работилници за основни вештини за самоодбрана, детска зона, која ќе овозможи работилници за промоција на здрави навики кај децата, и полигон за развојна моторика кај деца.

Како централни активности на настанот предвидени се и рекреативна трка со родители и деца,
на која и претходи групно загревање и вежбање, како и стенд ап настап за улогата на жената
во нашата заедница. сст/

фото Здружение на граѓани Младите можат

Остани поврзан