• петок, 27 декември 2024

Јаневска ќе се обрати на 57. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик

Јаневска ќе се обрати на 57. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик

Охрид, 16 август 2024 (МИА) - Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска ќе се обрати на свеченото отворање на 57. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје. Летната школа оваа година се одржува под мотото „Македонистички гордорек“ во Охрид и ќе трае до 29 август. Ќе учествуваат 65 македонисти од 17 земји.

Освен министерката Јаневска, на Летната школа денеска најавено е и обраќање на претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова, министерот за култура и туризам Зоран Љутков, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, проф. д-р Биљана Ангелова и директорката на МСМЈЛК при УКИМ, проф. д-р Кристина Николовска.

Потоа ќе следува музички настап на проф. д-р Драган Даутовски, кој ќе свири на окарина, древен иструмент од пред 7000 години, а проф. д-р Андријана Јаневска ќе настапи со вокална изведба, по што ќе следува промоција  на Зборникот-Предавања од 56. Летна школа.

За првпат годинава, на свеченото отворање ќе бидат доделени награди „Воздејства“ во знак на признание за исклучителни дејности, долготрајни и повеќедецениски постигнување и придонес во научно-истражувачката и културната афирмација во областа на македонистиката.

Наградите ќе им бидат доделени на истакнатиот македонист, академик Виктор Фридман од САД и проф. д-р Максим Каранфиловски, долгогодишен директор на Семинарот. На отворањето ќе бидат доделени и благодарници „Синергии“ во знак на признание за посебен придонес во поддршка на афирмација на македонистиката, на Општина Охрид, АД Алкалоид-Скопје, АКУД Мирче Ацев, Кирил Пецаков, градоначалник на Општина Охрид, Перчо Божиновски заменик градоначалник на Општина Охрид, Живко Мукаетов, директор на АД Алкалоид-Скопје и Благоја Јованоски, директор на АКУД Мирче Ацев. 

На Летната школа македонистите од Албанија, Бугарија, Италија, Јапонија, Кина, Полска, Р. Кореја, Романија, Руска Федерација, САД, Словенија, Србија, Турција, Украина, Унгарија, Хрватска и Чешка Република, ќе ги изучуваат македонскиот јазик, литература и култура, а 81 учесник ќе ја развиваат македонистиката како наука.

На програмата се културни настани, промоции, средби со писатели, а ќе се одржува и курс по македонски народни ора. Од преведувачката работилница на која ќе препејуваат семинаристите, се планира публикување на два зборника: Зборник „Гане Тодоровски на недорек јазици“ (95 песни по повод 95 години од раѓањето на великанот) и зборник „Петре М. Андреевски – на река од јазици“ (90 песни по повод 90 години од раѓањето на великанот. Зборнците ќе сдоржат и две „Песнарки“  со „Кажувачки“ наречени: „Рекоа за Ганета“ и „Рекоа за Петрета“, со сеќавања од познати современици, македонисти, научници, писатели, културни дејци, критичари и јавни личности. 

Летната школа се организира со поддршка од ректорката на УКИМ проф. д-р Биљана Ангелова и Ректоратот на УКИМ. Главен финансиски поддржувач на манифестацијата е Министерството за култура и туризам, а дел од програмските активности ќе се реализирааат и со поддршка од Општина Охрид, и со други поддржувачи. 

-Македонистичкиот гордорек е градиозна мисија, со далекусежна визија, но и наш свет завет – македонистиката како наука да ја возвишиме на повисоко преку светска афирмација и третман на македонистиката како врвен национален интерес. Имаме прекрасна древна традиција, развиена наука и раскошна уметност, кои се прекрасно лице на нашата култура. Македонската култура е прекрасен изворник на врвни и драгоцени цивилизациските продобивки како што се: писменоста, просветата, науката, културата и уметноста, истакна директорката на Меѓународниот семинар проф. д-р Кристина Николовска.бт/вг/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан