Јавна расправа за нацрт-национална стратегија за превенција и заштита од родово базирано насилство врз жени и семејно насилство 2026 - 2033“
- Во Собранието денеска седница ќе одржи Комисијата за еднакви можности на жените и мажите, на чиј дневен ред е јавната расправа на тема: „Нацрт-национална стратегија за превенција и заштита од родово базирано насилство врз жени и семејно насилство 2026 - 2033“.
Скопје, 7 април 2026 (МИА) - Во Собранието денеска седница ќе одржи Комисијата за еднакви можности на жените и мажите, на чиј дневен ред е јавната расправа на тема: „Нацрт-национална стратегија за превенција и заштита од родово базирано насилство врз жени и семејно насилство 2026 - 2033“.
Националната стратегија за превенција и заштита од родово базирано насилство врз жените и семејно насилство 2026 - 2033, како што се посочува во документот објавен на собраниската веб-страница, претставува првиот стратешки документ што се подготвува во согласностс со член 13 од Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство. Појдовна основа за изработката на националната стратегија, како што се нагласува, е анализата на националната и меѓународната правна рамка, препораките и наодите од евалуацијата на имплементацијата на акцискиот план за спроведување на Конвенцијата за спречување и борба против насилство врз жените и семејното насилство на Република Македонија 2018 - 2023, препораките на групата на експерти за акција против насилство врз жените (ГРЕВИО), Комитетот за елиминација на сите форми на дискриминација врз жените (ЦЕДАВ) и другите меѓународни тела надлежни за човекови права.
- Стратегијата има цел да обезбеди функционален, усогласен и одржлив систем за спречување и заштита од родово базирано и семејно насилство, заснован на човековите права и родова еднаквост. Со неа се воспоставува интегриран пристап, кој ги поврзува разните надлежности, услуги и сектори во заеднички систем за превенција, заштита и поддршка, засновано на принципот на должно внимание. Посебен фокус се става на воспоставување одржливи механизми за координација, континуирана обука и унапредување на пристапот до правда и специјализирани сервиси, вклучително за жени што се соочуваат со повеќекратна и интерсекциска дискриминација - се вели во националната стратегија подготвена од Министерството за социјална политика, демографија и млади.
Се посочува дека стратегијата е усогласена со клучните национални документи и европски приоритети.
- Таа е дел од пошироките процеси за реформа на правосудството, унапредување на родовата еднаквост и социјалната инклузија. Воедно, ја препознава дигиталната димензија на насилството и неопходноста од интерсекторски и современ пристап заснован на потребите на жртвата. Со воспоставување јасна институционална рамка, предвидливост во планирањето и редовно следење на спроведувањето, стратегијата обезбедува стабилна основа за унапредување на системот за заштита и исполнување на преземените обврски - се евели во нацрт-националната стратегија за превенција и заштита од родово базирано насилство врз жени и семејно насилство 2026 - 2033. фф/ев/
Фото: МИА Архива